Синдикатот на пилотите од цивилната воздушна пловидба во Франција ќе поднесе кривична пријава за непочитување на тајноста на истражната постапка во случајот со авионската несреќа на Ербасот А-320, која се случи пред два дена на француските Алпи, изјави шефот на организацијата Ерик Дериври.
– Не е нормално до весникот „Њујорк тајмс“ да стигнат најдеталните податоци за текот на истрагата, кои Јавниот обвинител на Франција ги потврдува многу часови подоцна. Затоа синдикатот ќе поднесе кривична пријава за непочитување на тајноста на истражната постапка. Француското законодавство дозволува тоа да се поднесе против непознат извршител – потврди Дериври.
Тој упати критики и за дејствувањето на француското Биро за истражување на несреќи, нагласувајќи дека „многу важни податоци не биле соопштени на прес-конференцијата, на која беа истакнати првичните информации за истрагата на авионската несреќа“.
– Уште одамна не сме задоволни од работата на раководството на Бирото. Нашиот синдикат бара во советот на оваа организација задолжително да бидат вклучени и се уште активни француски пилоти – изјави синдикалниот лидер.
Освен тоа, Дериври, како и други француски експерти, изрази сомнеж во веродостојноста на информацијата, соопштена по првото дешифрирање на записите од црната кутија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.