| четврток, 6 декември 2018 |

Почна изградбата на новиот парк во Аеродром

Општина Аеродром започна изградба на нов парк од 2.319 метри квадратни спроти „Мајчин дом“ на аголот меѓу улицата „Васко Карангелевски“ и булеварот „Јане Сандански“.

Градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски денеска, на отпочнувањето со градежни активности, рече дека во паркот предвидено е да има пешачки патеки, водени површини, езеро со фонтани и водопади, река и детско игралиште.

– Со хортикултурно и партерно уредување на овој простор ќе се создаде пријатно место во него, како и карактеристично одбележување на пошироката околина, истакна Коневски и додаде дека вредноста на оваа инвестиција е околу 30 милиони денари.

Според градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски Скопје станува се позелен град, а општината Аеродром е на прво место која придонесува за тоа.

– Сметам дека овој парк придонесува за животната средина во градот Скопје, а од друг аспект граѓаните од општината ќе можат да имаат дополнителни содржини за рекреација и социјализација, рече Трајановски.

Во паркот ќе се задржат постојните дрвја кои се наоѓаат на оваа локација, а дополнително ќе биде збогатен со ново зеленило составено од нискостеблести растенија и цвеќе. Водените површини ќе бидат осветлени со рефлектори, кои ќе го надополнат амбиентот навечер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top