| четврток, 6 декември 2018 |

Исплатени 341 милион денари субвенции

тутунМинистерството за финансии денеска исплати 341 милиони денари субвенции на 13.041 земјоделец за поддршка на одржувањето лозови насади, производство и продажба на тутун и производство на градинарски култури.

Како што соопшти Министерството за финансии, од овие средства 104 милиони денари се исплатени на 4.679 лозари за одржување површини со лозови насади. Висината на поддршката изнесува 40.000 денари по хектар.

Денеска се исплатени и 165 милиони денари на 3.263 одгледувачи на тутун, при што е извршена исплатата на кооперантите на „Тутунски комбинат“ – Прилеп и „Центро табак“. Мерката изнесува 60 денари по произведен и продаден килограм тутун.

Исплатени се и 70 милиони денари на 5.099 земјоделци за произведени градинарски култури. Поддршката за овој вид земјоделски култури се движи од 6.000 до 30.000 денари по хектар, во зависност од културата.

– Преку редовната исплата на субвенциите за поддршка на земјоделството, Владата на Република Македонија и Министерството за финансии остануваат доследни на поддршката за една од носечките гранки во македонската економија – наведува Министерството за финансии во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top