| четврток, 6 декември 2018 |

Гиганти на менито на Вардар

Четири екстраквалитетни екипи се можни противници на ракометниот клуб Вардар во четвртфиналето во Лигата на шампионите, а со кого „црвено-црните“ ќе ги одмерат силите во двомечот што носи во Келн на фајналфор турнирот ќе биде познато денеска околу пладне. Ждрепката е закажана за 11,30 часот и на менито на Вардар се повеќекратните европски шампиони Кил и Барселона и новите ракометни тигри Кјелце и Веспрем.

Задачата е тешка без разлика кој противник ќе биде одреден како последна пречка на скопските „црвено-црни“ пред запис во историјата и прв настап на македонска машка екипа на Ф4 турнирот во „Ланксес арена“ во Келн.

Со Барселона Вардар веќе играше во ланското издание на ЛШ и забележа реми во Скопје и пораз во Барселона. Против Веспрем веќе стана традиција вардарци да играат и во ЛШ и во СЕХА лигата, а Кил и Кјелеце се должници на мак-ракометот, откако тие две екипи во две различни изданија го елиминираа Металург во четвртфинални двомечи во најквалитетното европско натпреварување.

Во сите 4 екипи кои ќе бидат носители на денешната ждрепка во Виена играат дузина врвни светски ракометни ѕвезди. Барселона би била вистински предизвик предводена од нашиот Кирил Лазаров и со Карабатиќ, Рутенка, Шариќ, Нодесбо… во составот.

Кил е еден од најдоброорганизираните ракометни клубови на планетата, вистински синоним за моќ и квалитет, а годинава играат страшно добро. Зебрите со две победи и тоа убедливи и вкупна разлика од 14 гола го елиминираа актуелниот европски првак Фленсбург и претставуваат вистинска казнена експедиција. Имињата на Вујин, Екберг, Дувњак, Јиха, Палмарсон, Веинхолд, Тофт Хансен….. предизвикуваат почит кај сите ривали и го прават Кил еден од главните фаворити за титулата.

Веспрем е стар познаник на Вардар. Двете екипи сезонава одиграа неколку мечеви во СЕХА лигата и во фазата по групи во ЛШ. Унгарците на двапати го победија Вардар во рамки на Ц групата во ЛШ и демонстрираа супер квалитет. Илиќ, Сулиќ, Алиловиќ, Зајц, Угалде Гарсија и останатите екстра ѕвезди на Веспрем се гаранција дека унгарскиот првак вторпат по ред може да биде учесник на Ф4 во Келн.

Последен можен противник, што веројатно е најпосакуван кај вардаци е полскиот Кјелце. Клуб во кој многу се вложува во последниот период и со состав што е комбинација од полската репрезентација и неколкумина ракометари од Балканот, најмногу од Хрватска. За Кјелце играат Јурецки, Бјелецки, Жмал, Јахлевски, потоа и Чупиќ, Зорман, Бунтиќ, Штрлек…. Една одлична комбинација на искусни полски ракометари и проверени интернационалци.

Одлуката кој ќе биде противник на Вардар во четвртфиналето ќе „падне“ денеска на извлекувањето во Виена од 11,30 часот.

ver

 

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top