Унијата на народното движење (УМП) на Никола Саркози заедно со другите коалициски формации од десницата освоија 36,5 отсто од гласовите на национално ниво на првиот груг од департманските избори во Франција. Според резултатите објавени од министерството за внатрешни работи, владејачките социјалисти на национално ниво и нивните сојузници освоија заедно 28,5 отсто од гласовите.
Трета политичка сила во Франција е крајнодесничарскиот Национален Фронт со 25 проценти од гласовите, помалку од предвиденото во испитувањето на јавното мислење, но досега највисок изборен резултат на партијата на Марин Ле Пен на департманските избори.
Фронтот на левицата освои 6,1 отсто од гласовите и Зелените 2 отсто, но овие партии во многу кантони беа во сојузништво со социјалистите.
Зголемената мобилизација на гласачите, наспроти очекувањата влијаеше на ублажување на поразот на левицата, имено од 43 милиони гласачи пред урните не се појавија 49,9%. Левицата која досега раководеше со 61 од вкупно 101 департман, нема да има свои претставници во 500 кантони од 2054 кантони (кантоните се административна поделба на департманите но без сосодветна администрација). Од своја страна Националниот фронт ќе има свои кандидати во вториот круг закажан за идната недела 29 март во над половината од кантоните.
Според проценките и резултатите од првиот круг, левицата ќе треба да остане мнозинска во дваесетина од досегашните 61 департмани, а за десетина други не се знае на која страна ќе преминат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.