Кои се најнитересните политичари на Балканот? И по кој критериум се најинтересни? Ги замоливме нашите колеги од речиси сите Балкански држави да ни ги кажат имињата на своите политичари за кои воопшто не е потребен филмски сценарист за да се направи добар трилер, хорор или, пак, комедија. Се покажа дека секаде има вакви интересни карактери – и за тоа би можело да се напише книга, а не само новинарски текст.
Некои политичари, како сплитскиот градоначалник Жељко Керум или српскиот Драган Марковиќ – Палма, немаат влакна на јазикот дури и кога ќе им дојдат на памет најлудите идеи. Ист е и романскиот европратеник Георги Бекали, кој сака да гради гета за хомосексуалците. Други, како лидерот на бугарската Атака, сакаат млади девојки, дури и кога се работи за љубовници на неговиот син.
Но, без разлика што мисли некој за нив, тие се мошне успешни луѓе во бизнисот и во политиката.
Моја девојка, моја партија
Бугарскиот европратеник Димитар Стојанов, ни крив ни должен се најде на оваа листа, иако и за него, бугарските медиуми пишуваат дека е зависник од дрога. Стојанов е интересен за нас по неодамнешните најави дека ќе бара од ЕУ да ги сопре сите пари за Македонија доколку владата на Груевски не ги прифати сите бугарски барања.
Сепак, кај европратеникот Стојанов, најинтересни се неговите родители, кои, всушност, го привлекоа нашето внимание. Неговиот татко Волен Сидеров е лидер на бугарската екстремна десница Атака. Сидеров е љубител на убави жени и при тоа многу многу не избира. Во неговиот кревет се најде никој друг туку девојката на син му Димитар, атркативната Деница Гаџева, инаку пратеничка во бугарското собрание од Атака.
Сето ова не поминало без драматични последици.
Сопругата на Воленов, Капка, исто така, пратеничка во парламентот веднаш побарала и добила развод, а Волен си заминал кај својата љубовница Деница. Капка си го вратила моминското презиме Георгиева и не застанала тука. Формирала своја партија, Националната демократска партија, исто така, екстремна десница и сега конкурент на Атака. Арно ама, со ова не ги решила проблемите. Капка, побара капка надеж во својата гатачка Вера Кочовска, да ја спаси, како што рекла, од „магиите“ што ја фатиле последниве години. Капка за ова се исповедала и на бугарските телевизии.
Ниту, Димитар Стојанов не му останал должен на татко му. Упаднал на една од конвенциите на Атака и побарал од членовите на партијата да го разрешат од претседателската функција, па и да го исфрлат од партијата, божем, поради слабите резултати на партијата од последните избори (инаку, Волен Сидеров е основач и главен финансиер на партијата).
Апсолутниот српски шампион (без конкуренција) се вика Драган Марковиќ, ама сите го знаат и викаат Палма. Прекарот му доаѓа од таму што секогаш е со тие на власт. Тој по многу нешта може да му е директна конкуренција на нашиот Амди Бајрам (со поголеми шанси за победа од нашиот јунак). Кариерата ја почнал како член во партијата на покојниот Жељко Ражњатовиќ – Аркан, од каде што беше избран за градоначалник на Јагодина. Сега има своја партија Единствена Србија, коалициски парнер на Борис Тадиќ со која на двапати беше министер во српската влада.
Палма е жива легенда кај северниот сосед. Најпознат е по неговата изјава во една емисија на „Б92“ во која вели дека многу ја сака културата, но малку ги слушал Бах и Моцарт бидејќи кога тие биле популарни, тој бил мал.
Тешко е да се издвојат сите негови достигнувања со кои секогаш постигнува голем публицитет во српската јавност. Можеби фактот дека при договорот за коалицирање со партијата на Тадиќ, барал во зоолошката градина на Јагодина да се донесе жирафа. Откако Тадиќ го прифатил тоа, како министер барал да се најде женка за мажјакот, а тој да им биде кум на свадбата и на нивното младенче. Така и биднало. А, да биде целава работа интернационална, се погрижил европратеникот од Словенија, Јелко Кацин, кој изјавил дека сето ова со жирафите е говор на омраза. На ова Палма му одговорил:
„Не знам каде Кацин учел дека љубовта е говор на омраза и затоа го повикувам тој да биде кум на малата жирафа, кој ќе биде доказ и плод на љубовта меѓу Ема (женката) и Јован (мажјакот)“.
Во својата креативност, Палма, инаку еден од најжестоките хомофиоби во Србија, успеа да ги спои жирафите и хомосексуалците. Кога требаше во Белград да се одржи Парадата на љубовта, тој се повика на чистата жирафина љубов:
„Бидејќи се ова денови на Парадата на срамот, му набавив на Јован (мажјакот жирафа), девојка, која ќе стигне в четврток или в петок во Јагодина – затоа што не сакам мојот Јован да види дека имало таква прошетка по Белград (нов. заб. Парадата на љубовта) и да, да, скраја да е, да стане тоа што Единствена Србија и огромното мнозинство на граѓаните на Србија не го сакаат“.
Пратеник што краде дрва и хомофоб што сака да прави гета
Во Босна и Херцеговина, секако, најпознат е Милорад Додик, претседателот на Република Српска, по неговите убедувања и молби (и до Господ) Босна да се распадне. Но, сепак, за нас е поинтересен еден друг лик.
Садик Бахтиќ е поранешен пратеник во парламентот на Босна и Херцеговина, осуден за измама и – за крадење дрва? Се чини дека тој станал политичар за да мами и да краде – во буквална смисла на зборот. Бахтиќ пред неколку години беше осуден затоа што како претседател на кантоналниот совет, за време на подготовките за предизборниот собир, од извесен Хамдија Шарчевиќ земал 15.000 конвертибилни марки (7.600 евра) со ветување дека по изборната победа парите ќе му бидат вратени. Бахтиќ победил на изборите, но не ги вратил парите, за што е осуден условно на пет месеци затвор, односно казната нема да ја издржи ако во рок од една година не изврши друго кривично дело. Подоцна се утврдиле дека тој во областа околу Сански Мост бил најголем крадец на дрва, за што, исто така, бил осудуван.
Георги Бекали, во Романија познат како Џиџи Бекали, е, секако, најинтересен политичар во оваа земја, само што во неговата слика тешко дека ќе се најде нешто забавно. Имено, Бекали јавно изјавувал дека сака да стане претседател на Романија за да ги „реши“ сите хомосексуалци. Никогаш не појаснил што точно значат тие зборови, но во интервју за романската телевизија рекол дека сака да формира гета за хомосексуалци, за повеќе да не ги малтретирале романските граѓани.
Неговата појава воопшто не е наивна, негов директен партнер во жестоката пресметка со хомосексуалците е Романската православна црква. Бекали стана и европратеник, а е сопственик на фудбалскиот клуб Стеауа, поранешни шампиони на Европа. И за својот клуб вели дека нема никогаш да прими хомосексуалци. Еднаш признал дека ги загубил речиси сите пари на коцка, околу четири милиони евра, се изнервирал и го искршил сите маси и столови во казиното.
Бекали се обидува и да покаже дека има добра страна. Кога во 2005 година имало големи поплави во селото Вултуру, западна Романија, тој со свои пари, околу четири милиони долари, им изградил 200 куќи на селаните што ги загубиле домовите во поплавата. Но, подоцна се утврдило дека тој го задржал правото на сопственост на куќите, па сега селаните се негови кираџии.
Неговиот жесток однос кон хомосексуалците, можеби, потекнува од тоа што неговите баба и дедо биле романски нацисти пред и за време на Втората светска војна. Тие членувале во Железната гарда, романската верзија на Нацистичката партија. Токму бабата и дедото го воспитувале Бекали.
Градоначалник што не доаѓа на работа и словенечка хорор-оргија
Хрватите го имаат Жељко Керум, градоначалникот на Сплит, човек со завршено основно образование, но неверојатно успешен во бизнисот и во политиката. Керум веќе два мандата е градоначалник на градот, во чиешто седиште – воопшто не доаѓа на работа. Поточно доаѓа само кога ќе му падне на памет, еднаш до двапати на секои два месеца, затоа што, како што вели, Сплит е многу здодевен град во кој ништо не се случува. Колегите новинари од Хрватска го опишуваат како „антологиска будала“. Керум е познат по тоа што често ги менува младите љубовници и тоа јавно, без да се срами од тоа, но на крај сопругата го оставила и му зела половина од богатството. А, тоа не е мало. Керум има неколку куќи и ги вози најскапите егзотични автомобили во Хрватска. Сопственик е на најголемиот на трговски центар во Сплит, наречен „Џокер“ (како што велат, по син му Јошко Керум), а на ридот Марјан (сплитско Водно), планира да изгради огромен крст. Размислуваше и за огромен кип на Исус Христос, сличен на тој во Рио де Жанеиро, ама ниедна банка не му давала кредит за тоа!??
Во Хрватска е познат и по изјавата дека не би сакал Србин за зет за неговата ќерка. Од друга страна, вели дека има многу пријатели Срби на кои постојано им се извинува за тоа со оградување дека така „мислеле повеќето Хрвати“.
Секако, за нас недоминлива појава е Амди Бајрам. Големиот мајстор на публицитетот е жесток конкурент на другите негови колеги од Балканот. Секогаш е со тие на власт, секако, кога не е во затвор, но жилавиот Амди и тоа го преживеа. Познат по неговите 103 проценти гласови на локалните избори, неговиот син, кој стана градоначалник на Шуто Оризари, и по внукот Џани Версаче. Амди е неколкупати пратеник во Собрание, всушност, еден од тие со најдолг стаж во законодавниот дом. Во времето на последната влада на Црвенковски беше осуден на три години затвор, но затоа, кога лидерот на СДСМ првпат излезе меѓу своите поддржувачи да протестира против владата на Груевски, Амди му врати покажувајќи му го средниот прст. Амди не останува должен никому. Понекогаш е неверојатно искрен, на пример пред пет години, кога во Собранието изјави дека ако се спроведат истраги, сите пратеници треба да завршат в затвор или, пак, дека дели брашно во Шутка за да гласаат за него.
Колку некому и да му се чини како некаква карикатурална појава на македонската политичка сцена, треба да се има предвид дека Амди почнал од нула продавајќи фармерки на Камени мост. Се издигнал до еден од најбогатите луѓе во државава и тоа како Ром – да бидеме искрени, Ромите и кај нас, како и во светот, се на најдолното скалило на општествената скала.
Некој рече дека Словенците се најкултурни на Балканот. Токму колегите од Словенија ни го праќаат најбизарниот случај од сите на овој напис. Словенија пред три години беше шокирана од аферата „Булмастифи“ од 2010 година. Станува збор за оригии на политичари. Познато е едно име, адвокатот Миро Сеница, сопруг на Катарина Кресал, тогашната министерка за внатрешни работи, кој, наводно, учествувал во оргиите што ги организирал познатиот љубљански доктор Саша Баричевиќ. Скандалот беше откриен кога Баричевиќ (кој, патем речено, всушност, е жена што со разни хормони си го променила полот) во својот дом сексуално ги малтретирал своите кучиња од расата булмастиф (по што е и наречена аферата) користејќи вештачки пенис. Кучињата збеснале и го растргнале својот газда. По смртта на Баричевиќ, словенечките медиуми не престануваа со шпекулации кој сѐ од политичарите ги посетувал оргиите, а словенечката опозиција тврди дека министерката Кресал ја заметкала истрагата.
(објавено во Неделникот Република на 1 март, 2013 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.