Американскиот државен секретар Џон Кери изјави денеска дека во преговорите за иранската нуклеарна програма е постигнат сериозен напредок, но и дека е време за тешки одлуки со цел да се дојде до конечен договор.
– Ние не брзаме, но препознаваме дека суштинските одлуки мора да бидат донесени сега и дека тие не стануваат полесни како времето минува, изјави Кери по нуклеарните преговори со Иран во Лозана.
Според Кери станува збор за прашање на политичка волја и тешки одлуки за што е потребна мудрост во деновите што следат.
Американскиот државен секретар изјави дека денеска треба да се сретне со европските колеги во Лондон со цел да разговараат за начини за решавање на останатите неразрешени прашања и дека ќе се врати во Лозана идната недела каде ќе утврди дали е можен или не договор со Иран.
Кери истакна дека се уште постојат важни разлики на патот за постигнување на договор, како и дека светските сили се обединети во нуклеарните преговори со Иран.
– Истакнувам дека сме обединети во своите цели, својот став, решеноста и одлучноста да се осигураме дека иранската нуклеарна програма во целост е мирољубива, изјави Кери.
Преговорите за иранската нукеларна програма се наоѓаат во клучна фаза каде и двете страни се обидуваат да го исполнат рокот до крајот на март за постигнување на првичен договор, пред рокот до јуни за целосен договор.
Следниот круг преговори меѓу меѓународната шесторка и Иран за ограничување на нуклеарната програма на Техеран ќе почнат на 26 март, соопшти денеска руското министерство за надворешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.