Слободанка Алексовска, раководител на Центарот за вработување на град Скопје вели дека младите Македонци се често високо мотивирани да учествуваат во активните мерки и програми, посебно кога имаат јасна идеја за своето учество на пазарот на трудот, а со многуте оперативни мерки имаат и можност да ја остварат својата цел.
Како раководител на Центарот за вработување на град Скопје кој е вашиот оперативен план за 2015 година?
Алексовска: Оперативниот план за 2015 година предвидува мерки и програми што беа актуелни и во текот на изминатите години, но и нови пилот – мерки, што се креирани со цел поттикнување на нови вработувања – како за работодавачите, така и за невработените лица, односно нивно вклучување на пазарот на труд.
Какви и кои се вашите активни мерки за невработените лица?
Алексовска: Постојат повеќе активни мерки, кои се наменети за невработените лица, а се однесуваат на директни вработувања, но и на подготовки пред вработување, во вид на разни обуки, како, самовработување, програмата самовработување со кредитирање. Исто така, субвенционирано вработување на различни категории на лица, субвенции за вработување на маргинализирани групи од населението, субвенционирани работни места за младите, субвенционирани работни места за лицата со попреченост.Имаме повеќе типови на обуки, како обуки кај познат работодавач, обуки кај познат работодавач со субвенционирано вработување, но и обуки за побарувани занимања на пазарот на труд, Практиканство за млади лица до 29 години, општествено-корисна работа, како и некои нови пилот мерки – развој на претприемништвото во мултиетничките заедници и обука за енергетско-ефикасна градба и градежни инсталации.За секоја активна мерка и програма има одговорни лица и тим, кој ја реализира конкретната мерка во тековната година, според однапред предвиден календар на активности, а следејќи ги при тоа оперативните насоки и упатства.
Со какви субвенции ги поддржувате младите луѓе кои може да основаат своја компанија, на кој начин ги мотивирате?
Алексовска: Младите лица се често високо мотивирани да учествуваат во активните мерки и програми, посебно кога имаат јасна идеја за своето учество на пазарот на трудот. За таа цел, оперативниот план предвидува мерки кои дополнително ги стимулираат младите лица, со поволни кредитни линии, повисок износ за категоријата млади лица до 29 години, ниска каматна стапка и оптимален рок на отплата, кога станува збор за Програма – Самовработување со кредитирање, како и мерката Самовработување, која нуди неповратни средства за отворање на сопствен бизнис. Законската можност за вработување на млади лица до 29 години со која што се ослободуваат работодавачите од плаќање на придонесите во рок од 12 месеци со обврска да ги задржат уште 12 месеци на работа даде огромни резултати, во 2014 година вработени сенад 5500 млади лица.
Пред секое учество во споменатите мерки се организираат информативни средби, каде невработените лица имаат можност да добијат информации за сите аспекти на мерките и програмите, а потоа низ целокупниот процес им се нуди помош и се насочуваат низ сите фази – како да изработат бизнис план, како да регистрираат фирма.
Какви се обуки организирате како Центар за вработување на град Скопје?
Алексовска: Центарот за вработување согласно оперативниот план нуди повеќе обуки кои се однесуваат на занимања кои се дефицитарни на пазарот на труд. Се одвиваат во еден циклус во текот на годината, а се реализираат во вид на теоретска и практична настава, во траење од 4 месеци. Видот на занимањата за кои се организираат обуките зависи од анализата на пазарот на труд и потребите од вештини, која се спроведува секоја година и директно ги дефинира профилите за кои се организираат обуките. Секоја година тие се менуваат – болничари, негователки, сметководители, пекари, готвачи, шивачи, мехатроничари, монтери на водовод, гипсари. Оваа година ќе биде организирана и обука за невработени лица со градежна подготовка (фасадни работници, столари, работници за покриви, елекро-монтери и инсталатери на греење, ладење и вентилација) со цел да се обезбедат вештини за енергетски-ефикасни инсталации.Истотака во тек е и обуката за напредни ИТ вештини, која вклучува изучување на повеќе програмски пакети.
Мотивациски обуки – кои се реализираат во директно во центарот, а се однесуваат на сите категории на невработени лица. Во суштина, тие предвидуваат мотивирање на невработените за поактивно вклучување на пазарот на труд, а имаат и за цел пошироко информирање на невработените лица за сите услуги на АВРМ, активните мерки и програми кои се спроведуваат во АВРМ, како и можностите кои ги нуди.
Обуки за подготовка за вработување и работа, поддржани од Усаид, за млади до 29 години, низ неколку модули (Личен развој, Комуникациски вештини, Однесување на работно место, Тимска работа, Лидерство, Безбедност и права кои произлегуваат од Законот за работни односи, Финансиски вештини, Учење преку работа).
Обуки кај познат работодавач – кои предвидуваат стекнување на работни вештини, според потребите на работодавачот, за период од три месеци, пред вработување.
Што беше пресудно за да го работите ова што го работите денеска?
Алексовска: Јас по професија сум дипломиран правник и магистар по правни науки, ја сакам својата професија и сакам да придонесувам за граѓаните на мојата држава. Како голем вљубеник во својата работа, секој ден поминат на моето работно место вродува поголема мотивација да се направи поголем исчекор во областа во која делувам и најголем благодет и исполнување е некому да му се помогне.
Каков е Вашиот тековен ден, дали постигнувате да ги завршите сите обврски, како се справувате со стресот ?
Алексовска: Во текот на денот имам многу работни обврски, кои сакам редовно и навремено да ги завршам, вложувам мноху труд за да постигнам, но имам и семејни обврски јас сум мајка и сопруга, секогаш се трудам да направам баланс помеѓу работата и семејството и да бидам активна на двете полиња. За постигнување на хармонија и енергија за постигнување на сите обврски покрај правилна исхрана неопходно е одржувањето на физичка кондиција. Токму затоа редовно вежбам кардио и тоа тимски, заедно со моите пријателки, уживам да трчам покрај кејот на Вардар. Тоа ми помага во надминување на напнатоста после интензивната работа. Дружењата со пријателите ме опуштаат после работниот ден. Сепак, најдрагоцени ми се моментите поминати со моето семејство кои ме исполнуваат со позитивна енергија. Уживам во заедничкото играње со колички и пластелин со мојот син. Го користам секој миг за разговор, за зајакнување на нашата емоционална врска. Моето дете е мојот мотив да се успее, а мојот сопруг е мојата најголема потпора и инспирација во реализацијата на моите амбициозни планови во приватниот живот и кариерата.
Деловниот свет кај нас е претежно машки. Дали се судирате с со предрасуди како жена и кој е рецептот за една жена да успее? Добро е да се слушне совет од вас за младите жени кои исто така сакаат да успеат во деловниот свет.
Алексовска: Сметам дека правната рамка во РМ дозволува еднаквост меѓу мажите и жените во изборот на својата професија, но тука влијаат индивидуални фактори и способноста на индивидуата да се избори за она што го сака како и мотивацијата кај личноста за постигнување на совршената професија.
Имено во сите совети во РМ па и во Парламентот има правична застапеност на жените, па и на други високи раководни функции има многу жени, сметам дека сме на добар пат во нагорна линија во однос на рамноправноста помеѓу мажите и жените.
Лично не сум имала пречка во развој на кариерата од тој тип, според мене не постои машка или женска професија. Можеби една работа е физички потешка, а друга повеќе психички исцрпувачка но одговорноста и очекувањата се еднакво големи. Независно што сте, пред се е важен личниот однос кон работата, трудот и посветеноста која ја внесувате во работата, како и начинот на справување со предизвиците. Вербата во сопствените можности и квалитети е универзален елемент за успех. Незаборавајте дека управувањето е во природата на жената. Таа го носи тоа во себе тоа го потврдува фактот дека жената е најдобриот менаџер во семејството со сета своја комплесност.
Како што вели Маргарет Тачер, поранешен лидер на конзервативната партија и премиер на Британија, позната како челичната дама ,,Во политиката, ако сакаш нешто да биде кажано обрати се на маж, ако сакаш нешто да биде направено обрати ѝ се на жена.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Центар за вработување на град Скопје: Зa 10 години отворени повеќе од 170 илјади работни места
-
ВМРО-ДПМНЕ: Продолжуваме со реализацијата на проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот во Скопје
-
Кривична за поранешниот раководител на „Колектор“
-
Давале пари на невработен што се иселил од Македонија