Новите инвеститори ќе отворат над 13 илјади работни места. Странските инвестиции се диверзифицираат и ја раздвижија локалната економија, вели министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески во интервју за МРТ.
Две нови странски инвестиции за два дена во Прилеп. Што ќе значи странскиот капитал за овој регион?
Секако ќе овозможи многу млади кадри, посебно во автомобилскиот сектор, инвестицијата од вчера, да бидат вработени. Ќе се креираат повеќе работни места. Да нагласам дека посебно во инвестицијата што се случи вчера ќе се ангажираат повеќе високо образовани кадри, кои дел од нив ќе бидат пуштени на доспецијализација во Германија за да можат да го пренесат знаењето назад, на останатите вработени. И денеска беше објавена уште една инвестиција во Прилеп, што дополнително придонесува за диверзификација на самата локална економија.
Токму така, Скопје веќе не е центарот за инвестиции, туку гледаме дека странските инвестиции се дисперзираат и инвеститорите вложуваат и во помалите градови. Кои се следните дестинации?
Целта е да има рамномерен економски развој во Република Македонија, посебно онаму каде што има повисока стапка на невработеност. Инвеститорите тоа го гледаат кога доаѓаат во Македонија и самите одлучуваат во кои градови би сакале да инвестираат, што беше случај со последните две инвестиции. Некои од инвестициите што ќе бидат најавени ќе бидат пласирани во градови во кои сеуште има висока стапка на невработеност, и со новосоздадените работни места секако таа стапка на невработеност би била намалена.
Премиерот најави шест нови странски компании, кои нови корпорации може наскоро да ги видиме во Македонија?
Јас ќе го напоменам видот на компаниите кои ќе инвестираат, а точно самите компании кога ќе дојде време ќе објават. Претежно се работи за компании во автомобилската индустрија, добавувачи кои ќе инвестираат во разни делови на Република Македонија. Од тие шест инвестиции само една е во Скопје, во ТИРЗ-1. Останатите се во други делови од земјата. Тоа ќе донесе диверзификација во економијата. Меѓу нив, две компании се надвор од автомобилскиот сектор.
Колку нови вработувања очекувате од новите компании?
Досега во странските компании работат над 11 илјади работници, а во текот на оваа година се очекува да бидат донесени одлуки на борд на директори на многу компании и самите компании да одлучат. Станува збор за 25 инвестиции, во кои треба да бидат ангажирани над 13.000 работници. Многу од овие инвеститори одлучуваат да дојдат во Македонија, не само поради добрата бизнис- клима, туку и поради добро образованиот работен кадар кој Македонија го поседува. Секој инвеститор прави споредба со други земји, но Република Македонија со целиот пакет што го нуди завршува како најповолна дестинација за инвеститорите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.