На 21 март во светот се одбележува Светскиот ден на лицата родени со Даунов синдром. Даунов синдром или трисомија 21 е хромозомско нарушување, кое е предизвикано од генетски екстра-материјал во 21. хромозом. Тој претставува облик на хромозомопатија, односно грешка во комбинација на хромозомите во 21. пар хромозоми, која настанува при клеточна делба на новиот плод. При делбата на хромозомите од едниот и од другиот родител, место во плодот да се појават два хромозома се појавуваат три. Оттаму е избран 21 март како Светски ден на лицата родени со Даунов синдром и се прославува од неодамна, од 2006 година. Дауновиот синдром не е болест, иако овие лица може да имаат тешкотии во когнитивниот развој и имаат покревко здравје од другите луѓе. Во Македонија уште нема регистaр на лица со Даунов синдром. Родителите првичната информација за тоа дека нивното дете го има овој синдром ја добиваат на Детската клиника, на одделот за ендокринологија, каде што се испитува кариотипот. Доцент доктор Елена Шукарова-Ангеловска од Детската клиника од одделот за еднокринологија во интервју за „Република“ говори за искуствата со овие деца, за родителите, за медицинската заштита штоја овозможуваат, но и за обележаноста од околината, но и од семејствата што имаат лица со Даунов синдром.
Неофицијално, според статистиката на Светската здравствена организација, на секои 800 до 1.000 живородени новороденчиња, се раѓа по едно со Даунов синдром. Колку оваа бројка реално ги отсликува состојбите во Македонија?
ШУКАРОВА-АНГЕЛОВСКА: Сѐ уште не постои официјален регистар. Заводот за социјална медицина прави некој броен регистар. На Детската клиника во Скопје, на одделот за ендокринологија, заедно со Гинеколошко-акушерската клиника се прават првични испитувања на кариотипот на овие деца. Горе-долу, се вклопуваме во оваа светска бројка.
На одделот за ендокринологија на Детската клиника во Скопје се прават меѓу 200 и 220 испитувања на кариотипот годишно. Од нив 12 до 15 се деца родени со Даунов синдром. Вие сте првата личност што им ја соопштува веста на родителите. Каква е нивната првична реакција?
ШУКАРОВА-АНГЕЛОВСКА: Реакцијата не е баш најдобра, со оглед на тоа дека дел од нив, не сите, имаат поминато низ превентивните прегледи во текот на бременоста, со ехо-прегледи, приска, со тројно скенирање. Тие очекуваат раѓање на здраво дете. Но, сепак, тоа што се прави во текот на бременоста е скенирање, а не е дефинитивна дијагноза. Откако ќе се роди детето, ќе се забележат одредени мали знаци. Тие знаци не се гледаат на ехо и првичната информација дека нивното дете има Даунов синдром за нив е шок. Проблемот е и во иситувањето на кариотипот како метод. Тоа е метод што трае најмалку две до три недели и тогаш родителите се во исчекување. Откако ќе имаме потврда, односно ќе го имаме извештајот, родителите прилично болно ја прифаќаат информацијата. Има различни типови родители, како што има и различни типови луѓе. Посебно интелектуалците, кои се под притисок на животот, тие потешко ја прифаќаат информацијата, за разлика од луѓето што живеат во рурални средини и кои, можеби, не сфаќаат за што точно се работи. Тие полесно си ги прифаќаат децата и со оглед на нивните верски предубедувања, успеваат да ги прифатат и тие деца.
На Клиниката уште од пред 30 години се прават хромозомски испитувања, а располагате и со софистицирана пренатална дијагностика, но бројот на деца родени со овој синдром не е намален. Зошто е тоа така?
ШУКАРОВА-АНГЕЛОВСКА: Тоа е точно и не е случај само кај нас, туку и во светот. Порано, можеби, затоа што немало методи или, пак, не биле доволно софистицирани, доволно брзи. Денес, во светот, едноставно интелектуалци родители што ќе дознаат дека мајката носи дете со Даунов синдром, прифаќаат да го роди. Кај нас уште не знам дали има таков пример. Сите методи што се прават претходно се скенирање. Не може сѐ да се фати ни со ултразвук и со приска-тестовите. Единствен тест што може да го потврди е амниоцинтезата. Но, таа, поради својот ризик, не може да се прави на сите бремени жени, туку само кај тие кај кои на ехо може да се видат одредени аномалии.
Во светот е тренд да се задржи дете родено со Даунов синдром. Искуствата на родителите што имаат дете до Даунов синдром се многу мачни и тешки. Кои се првите пречки со кои се соочуваат?
ШУКАРОВА-АНГЕЛОВСКА: Во светот, навистина, е тоа така, родителите иако знаат дека ќе добијат дете до Даунов синдром, решаваат да го задржат. Но, тие од државата, од институциите, имаат многу поголема помош отколку кај нас. Кај нас првиот момент е доаѓање на детето кај матичниот лекар, соопштување на вистината, прво пред себе, а потоа и на поширокото семејство. Мислам дека тоа им е најтешката задача на родителите. Соопштувањето на бабите, тетките, чичковците дека во семејството има дете со Даунов синдром тешко се прифаќа. Има родители што со години кријат дека детето има проблем. Затоа мислам дека прво треба да се поработи со родителите. Тие треба да го прифатат тоа дете, кое е како и секое друго дете, но на кое понатаму ќе му треба повеќе помош во едукацијата. Во старите времиња, во средниот век, овие луѓе не ги препознавале како ретардирани бидејќи образованието не било на многу високо ниво. Денес, тоа е поинаку. Пред децата се поставени многу задачи и, едноставно, овие деца се одвојуваат како посебна група. Мислам дека во последните десетина години некако „мрднавме“ напред во тој план бидејќи се отвораат сѐ повеќе центри за деца со посебни потреби. Се вработуваат дефектолози по градинките и по училиштата, кои им помагаат колку што е можно порано да ги совладаат овие вештини на говорење, на одење.
Со оглед на тоа дека здравјето на лицата со Даунов синдром може да биде кревко, има ли обучени педијатри, стоматолози, офтамолози, кардиолози, кои ќе им помогнат на родителите да не бидат донкихоти и сами да ја водат битката?
ШУКАРОВА-АНГЕЛОВСКА: Педесетина проценти од децата имаат кардиопатија. До пред 15-ина години, овие деца, поради ризикот од анестезија, едноставно не се праќаа на операција за срцето. Сега се раководиме според светските правила, односно им се овозможува секаква здравствена заштита што ја има секое здраво дете. Ако матичните педијатри имаат проблем со вакцинација или чести инфекции, ги праќаат на нашата Клиника, каде што имаме повеќе оддели, повеќе групи педијатри што ги консултираат, како и кардиолози, имунолози, неонатолзи. Успеваме да им овозможиме сестрана здравствена заштита на децата.
Сите семејства не се на исто интелектуално ниво и немаат пристап до новите информации, лекувањата. Какви решенија може да понуди системот?
ШУКАРОВА-АНГЕЛОВСКА: Затоа велам дека треба да работиме со родителите. Понекогаш тие не се свесни за потребите на детето. Дури кога ќе дојде време тоа да оди на училиште, се открива дека имаат проблеми. Залагањето на организациите за Даунов синдром, а и наше, е да се направи вклучување на тие деца во играта со други деца. Порано, па и некои од нив денес, исто така, се одвојуваат од општата група деца и одат во специјално училиште. И покрај залагањето на наставниците, таму не можат доволно да научат бидејќи тие учат од децата што се околу нив. Во последно време тие деца што се вклучени во општиот училиштен систем, ако имаат помош од дефектолог или логопед, постигнуваат подобри успеси, отколку децата што се во специјалните училишта. Но, сепак, треба помош од родителот, кој и дома ќе работи со детето за да го поткрене на тоа ниво за да може да следи настава.
Целото интервју може да го погледнете на „РепубликаТВ“.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ида Мантон, мајка на дете со Даунов синдром: Луциа не е тажна приказна, таа е мојата светлина!
-
Нина Костовска стана првото лице со Даунов синдром во Македонија кое дипломираше
-
Пред Школка во Градски парк во Скопје хуманитарна трка за деца со Даунов синдром
-
Светски ден на Даунов синдром: 1.589 луѓе облекоа шарени чорапи во Зеница и го соборија светскиот рекорд (видео)