В сабота се игра реваншот меѓу Вардар и Висла Плоцк во рамките од осминафиналето во Лигата на шампионите. Вардар максимално мотивирано ги одбработува последните тренинзи пред историскиот дуел. Овој натпревар е најважниот за црвено-црниот табор оваа сезона и со сите сили ќе се обидат да дојдат до толку посакувата победа од седум голови разлика.
Капитенот на Вардар, Филип Лазаров, ја престави ситуацијата како многу компликувана, но нагласи дека Вардар има сили, знаење и квалитет да ја премости оваа пречка и да се пласира во топ 8 екипи во Европа, каде што припаѓа.
– В сабота нѐ очекува многу тежок натпревар. По поразот во Висла од шест голови разлика ситуацијата е крајно компликувана. Имавме лош ден во Полска и од таму дојдовме со шест голови негатива. Ја знаевме силата на противникот, но тој се надмина себеси и го одигра натпреварот на сезоната. Ние не бевме ни на 50 проценти од нашиот квалитет. Се надевам дека во нашата сала, бодрени од комитите и од другата публика, ќе одиграме на нашето ниво и ќе славиме победа и пласман меѓу осумте најдобри екипи во Европа. Целта ни е од првата минута да ја наметнеме нашата игра, да ја зголемуваме предноста од минута во минута и на крилјата на сите присутни да испишеме уште еден квалитетен натпревар во нашата историја – изјави Филип Лазаров.
Многу работи не функционираа во играта на македонскиот тим, но по темелни анализа и напорни тренинзи цела недела Вардар е подготвен да го избори местото меѓу најдобрите осум во Европа. Тренерот на екипата Раул Гонзалес, исто така, нагласи дека овој натпревар е најважниот оваа сезона и очекува сите играчи што ќе добијат шанса да го дадат максимумот и да докажат дека заслужуваат да се пласираат во четвртфиналето.
– Одигравме лош натпревар во Полска и во нападот и во одбраната. Мораме да го подобриме тоа ако сакаме да бидеме поуспешни од Висла Плоцк во овој двомеч. Сите играчи се во стројот, нема повредени и во комплетен состав ќе настапиме в сабота. Секогаш кога игра Вардар на домашен терен атмосферата е извонредна, а тоа ни е многу важно затоа што нѐ очекува напорен натпревар и тешка задача затоа што разликата е шест гола – дополни тренерот Раул Гонзалес.
Од клубот информираат дека, исто така, од Вардар нагласија дека тие што имаат купено билети, со нив да не носат мали деца на натпреварот затоа што нема да бидат пуштени од безбедносни причини, бидејќи салата е распродадена до последното место. Гостинската екипа најави дека нема да носи организирано навивачи, што значи целиот капацитет ќе биде исполнет во црвено-црни бои.
Натпреварот се игра в сабота со почеток од 20.15 часот во СЦ „Јане Сандански“, а ЕХФ го прогласи како еден од дербијата во осминафиналето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.