ДУИ на митинг во скопски Чаир, на платото пред споменикот „Скендер-бег“ ги претставени кандидатите за градоначалници на Чаир и на Скопје. Лидерот на ДУИ јасно порача дека ДУИ не се бори за голема Албанија, туку за единство и повика аналитичарите да не ги плашат граѓаните, пренесува Канал 5.
– Има многу аналитичари, издавачи кои моментално си играат со многу провокативна тема. Многу ги плашат граѓаните дека се бориме за голема Албанија. Јас им порачувам на сите граѓани да не се плашат, не се бориме ниту за голема ниту за мала Албанија, туку за единство во Европската унија. Гарантирам дека ја сакаме оваа држава затоа што е наша. Заради пролеаната крв на борците пред 11 години – рече Али Ахмети, претседателот на ДУИ.
На митингот се претстави и кандидатот за градоначалник на Скопје, Артан Груби, кој рече дека во Кичево мора да се добие победата. За трет мандат во Чаир се бори Изет Меџити.
– Ние сме во еден историски процес без разлика дали тоа им се допаѓа на Никола и на Бранко. Тука сме затоа што тука живееле и нашите предци. Затоа е и споменикот на Хасан Приштина, затоа е и овој споменик на Скендер-бег, а тоа што го ветивме дека ќе има и плоштад до него, сега го исполнуваме. До наредните локални избори ќе направиме и универзитетски кампус – рече на митингот кандидатот на ДУИ за општина Чаир, актуелниот градоначалник Изет Меџити.
На митингот заборуваше и пратеничката Ермира Мехмети и носителите на советничките кандидатски листи на ДУИ за Чаир и за Скопје. Стоковната куќа „Илинден“ беше прекриена со огромно албанско знаме, а на бината го немаше државното знаме на Република Македонија додека беа ставени знамињата на САД и на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.