Монако ќе атакува на потврда на четвртфиналето и бара само печат на победата од Лондон со 3-1 против Арсенал, но топчиите на Арсен Венгер, кој добро го познава тимот од кнежевството посакуваат подвиг и место во историјата на Лигата на шампионите. Ниту еден состав не успеал да мине во четвртфинале со негатива од два гола на домашен терен. Предизвикот е голем, но во Арсенал веруваат во чуда и во спас на сезоната за англиските клубови.
Досега сите испаднаа од ЛШ, па надежите на Островот се насочени кон четата на францускиот стратег Венгер. Тој беше кормилар на Монако на почетокот на тренерската кариера, што е предност, која Венгер на ја потврди на првиот меч во Лондон. Монако тотално го надигра фаворитот и апсолутно заслужено ќе го почне реваншот вечерва од 20, 45 со два гола позитива.
„Воопшто не сакаме да мислиме да браниме некаква предност. Сакаме само да одиграме добра партија фудбал, како што тоа го сторивме во Лондон на првиот меч. Против состав каков што е Арсенал постојано треба да бидеме на штрек. Против англиски тимови и Монако и ПСЖ покажаа дека знаат да играат“, изјави Лео Жардим, тренерот на Монако.
Тимот од малото кнежевство е непоразен на свој терен од 2005 година, а примил само 7 погодоци на последните 22 натпревари.
„Одиме со полна сила на победа. Веќе немаме што да чуваме како резерва. Денеска е денот Д за нас и знам дека имаме квалитет за подвиг. Ќе се прикажеме во сосема поинакво светло од првиот меч. Имаме втора шанса и верувам дека ќе експлодираме на стадион на кој имам убави спомени“, изјави Венгер.
Неповолно за Арсенал е што за сигурен пласман понатаму малку ќе им бидат два погодоци во мрежата на Субашиќ, а третиот е добра гаранција за подвиг.
Исклучително тешко вечерва ќе му биде и на шпанскиот првак и фаворит Атлетико Мадрид во равеншот со Баер Леверкузен. Фармацевтите доаѓаат на жешкиот „Висенте Калдерон“ со победа од 1-0, а домаќините ќе играат без двајца клучни играчи Годин и Тијаго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.