Оглас за испраќање 10 доктори по општа медицина вработени во јавно здравство на специјализација во Клиничкиот центар во Белград утре ќе објави Министерството за здравство на својата веб страница и во дневните весници. Со тоа практично продолжува реализација на проектот за испраќање 70 доктори од Република Македонија на специјализација во странство.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека продолжува реализацијата на еден од позначајните проекти кои ги спроведува Министерството, а тоа е проектот за испраќање македонски доктори на специјализација во странство. Посочи дека испраќањето 10 македонски лекари на специјализација во Клиничкиот центар во Белград било договорено на средбата со српскиот министер за здравство и одржаната заедничка седница на владите на двете земји.
Нагласи дека во огласот ги повикуваат да се пријават сите заинтересирани доктори по општа медицина вработени во јавните здравствени установи, кои сакаат да ги усовршат знаењата и вештините во која било област во медицината, со посебен фокус на областите: гинекологија, анестезија, офталмологија и васкуларна хирургија.
– Идејата е барем по една од специјализациите кои ќе бидат доделени да бидат во рамки на овие области, но не ограничувајќи се на бројот, може во некоја од овие области двајца или тројца специјализанти да бидат упатени на специјалности. По завршување на рокот за пријавување, стручна комисија ќе изврши селекција на пристигнатите апликации, врз основа на што ќе бидат избрани кандидатите кои ќе се упатат на специјализација во Клинички центар Белград- рече Тодоров.
Во рамки на проектот, потенцира, за сите кои ги испраќаме на специјализација во странство Министерството за здравство ги покрива средствата за специјализација, сместување и пат во земјата во која се упатени, а за тоа време и натаму ќе земаат плата од ЈЗУ во која се вработени.
– Досегашното искуство покажува дека нововработените млади доктори имаат голема желба за стручно усовршување и доедукација во странство. Токму затоа, и во рамки на Програмата за доедукација и обука на медицински персонал од различни области, годинава ќе бидат испратени 1.000 здравствени работници на едукација во реномирани медицински центри во странство – додаде Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.