Влегувам во оваа изборна трка за спас на градот без валкани раце, со чист образ, без инкриминирано досие и афери и без ниту една дамка во својата професионална кариера. Имам визија и мисија, како Охрид конечно да го добие својот вистински препознатлив лик, но и да биде современ европски и светски град. Со политикантство и импровизации не може да се раководи градот. Тоа не го заслужуваат неговите граѓани. Изјавите на мојот противкандидат не заслужуваат коментар. Тој не ја разбира суштината и квалитативните реформски зафати што се спроведуваат во здравството, бидејќи платата по успешност ги даде своите први позитивни ефекти. За мојата професионална лекарска кариера доволно е да ги погледнете резултатите, подемот и растот на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид во последните седум години и да ги слушнете размислувањата на пациентите. Изградивме институција за почит и респект, институција која за само неколку месеци од моето доаѓање на раководно место, со адекватно менаџирање успеа да ги сервисира сите долгови кои во тоа време беа поголеми од висината на годишниот буџет – вели Никола Бакрачески, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид во интервју за Утрински весник.
Тој смета дека Александар Петрески, неговиот противкандидат и актуелен градоначалник, и локалната самоуправа во изминативе осум години го заборавиле Охрид.
-Тоа беа години на целосно стагнирање и назадување на градот на УНЕСКО, на деградирање на неговите историски, културни, природни и други вредности. Охрид има безидејна, безперспективна и дезориентирана локална самоуправа. Цели осум години градот оди во погрешен правец. Долго ги слушам маките на охриѓани, кои никако не можат да се согласат и да го прифатат тоталното деградирање на градот. Затоа охриѓани бараат промена на локалната самоуправа. Застанувам рамо до рамо со овие сограѓани и еден сум од многуте кои сакаат вистински развој и прогрес на градот. За мене, привилегија е да се живее во Охрид – вели тој.
На прашањето: Како интервентен кардиолог пред неколку години му го спасивте животот на Петрески. Какви се вашите лични релации со него надвор од политичката борба, вели
-Јас сум ја дал Хипократовата заклетва да им служам на луѓето и да се борам за нивното здравје. Не ми е важно дали човекот кој има здравствени проблеми е градоначалник, работник, дали е на функција или не. Со Петрески имам добри пријателски односи и лично немам причини за поинакви релации.
Вели дека излегува на овие избори да ја побара и да ја добие поддршката од охриѓани и да им ја понуди програмата за економски и севкупен развој на Охрид. Ветува економскиот пораст и развој на општината, креирање услови и создавање значителен број нови работни места, унапредување на туризмот и на меѓународната соработка на градот.
-Ќе ги подобриме условите во образованието, ќе работиме на реконструкција на училиштата, изградба на спортски сали, стипендирање на талентираните и најдобрите ученици. За развој на спортот ќе пристапиме кон отворање спортска академија, изградба на затворен пливачки базен и спортски игралишта. Конечно, ќе воспоставиме ред во урбанизмот и инфраструктурните активности што ќе значи излез од досегашниот хаос во оваа сфера. Ќе изградиме модерна автобуска станица, затворен зелен пазар, катни гаражи, модерно пристаниште и марина… – коментира тој.
На прашањето: Што мислите за проектот на индискиот милијардер Субрата Рој, кој го следат многу контроверзи вели:
-Имав задоволство да се сретнам и да поразговарам со господинот Субрата Рој при неговата неодамнешна посета на Охрид. За да се реализира проектот „Сахарајан Македонија“ ќе треба да се усогласат уште многубројни активности во делот на легислативата и да се запазат законските акти и нормативи. Убеден сум дека овој проект ќе биде од исклучителна важност за Охрид и Македонија. Тој ќе го помогне и поттикне туристичкиот развој и ќе отвори можност за вработување на младите од градот и околината. Она што посебно треба да се одбележи е дека проектот ќе ги задоволува сите современи еколошки стандарди за заштита на езерото и природната средина, за третман на отпадните води и целосна заштита на езерскиот биодиверзитет. Во состав на туристичкиот комплекс се предвидени и мали пречистителни станици за зачувување на квалитетот на водата во езерото. Неговата реализација и функционирање ќе привлече десетици илјади туристи од висока класа на годишно ниво, какви што Охрид досега немал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
„Катимерини“: Три сценарија за парламентарните избори во Грција
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата


