На 19.3 (четврток) премиерно во киното „Синеплекс“ ќе биде прикажан филмот „Ќе бидеме светски прваци“. На премиерата која е закажана за 20.00ч ќе бидат присутни Сашко Коцев, Тони Михајловски и легендата Лазар Лечиќ. На македонските актери ќе им се придружат и главните ликови во филмот, актерите Милош Биковиќ, Страхиња Блажиќ, Стефан Капичиќ, Ивана Дудиќ и Марија Стокиќ, предводени од режисерот Дарко Бајиќ и музичарот Кики Лесендриќ. Македонската публика и фановите на филмот ќе можат да се дружат со ѕвездите од 19.00ч во фоајето на киното „Синеплекс“.
Филмот „ Ќе бидеме светски прваци“ за основачите на познатата „Југословенска школа за кошарка“ и за првиот златен медал на светското кошаркарско првенство во Љубљана во 1970 година го режираше Дарко Бајиќ. Сценариото го напиша Небојша Ромчевиќ во соработка со Гордан Михиќ и Огњен Свиличиќ, по идеја на Звонимир Шимунец, кој воедно е и автор, и со Дејан Петровиќ, продуцентот на овој значаен проект. Главните улоги на пионерите на кошарката на нашите простори ги играат млади глумци.
Улогата на Небојша Поповиќ, кој како „првиот меѓу еднаквите“ го почна „кошаркарскиот бум“ во поранешна Југославија, ја игра извонредниот млад актер Страхиња Блажиќ. Милош Биковиќ е во улога на Радомир Шапер, претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Југославија. Александар Радојчиќ го толкува ликот на Бора Станковиќ, кој беше првиот човек на ФИБА, додека Марко Јанкетиќ е во улогата на Александар Николиќ, творецот на југословенската кошаркарска школа, кој воспоставил специфична филозофија за играњето на овој спорт. Во останатите улоги играат глумци од Србија, Хрватска, Словенија и Македонија: Леон Лучев, Сергеј Трифуновиќ, Ива Бабиќ, Небојша Дугалиќ, Нина Јанковиќ, Тамара Драгичевиќ, Стефан Капичиќ, Јуре Хенигман, Горан Богдан, Радован Вујовиќ, Тони Михајловски, Роберт Курбаша, Крешимир Петар Ќосиќ, Сашко Коцев и други.
Американскиот глумец Џон Севиџ (John Savage), најпознат по своите улоги во култните филмови „Коса“ и „Ловец на елени“, го толкува ликот на Вилијам Џонс, кој беше еден од основачите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) во 1932 година. Филмот е работен во копродукција со партнери од Хрватска и Словенија и е сниман на локации во Србија, Хрватска, Словенија и Македонија. Една од насловните песни на филмот ја изведува македонскиот пејач Даниел Кајмакоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.