Во новиот број на индиската книжевна ревија „Инчентин версис“ се објавени избрани песни преведени на англиски јазик и био-библиографија на познатиот македонски поет, критичар и преведувач и универзитетски професор, Звонко Танески.
Македонскиот автор е претставен во списанието меѓу трите истакнати прилози, заедно со добитничката на наградата „Восхитувачки поет“, поетесата Гејл Денди и со поетот Филип Фрид, издвоен по избор на редакцијата (Editor’s Choice).
„Инчентин версис“ е водечка индиска електронска книжевна ревија која првенствено е фокусирана на современата светска поезија. Главен уредник е еден од најафирмираните помлади индиски поети, Сонет Мондал, а гостин-уредник на овој број беше поетот Марк Винченц. Уредник-консултант од Македонија е поетот и книжевен критичар Јовица Тасевски-Етернијан.
Освен поезија, во новиот број на списанието се објавени и критички осврти и книжевни студии.
Звонко Танески е поет, критичар, есеист и преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија. Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот Коменски во Братислава, на Катедрата за словачка литература и литературна наука. Подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра со тема од областа на словачко-македонските книжевни и културни врски.
Член е на Клубот на независните писатели на Словачка, Независните писатели на Македонија, Европската мрежа за книжевна компаратистика, на Меѓународниот комитет на слависти, а исто така и на главниот научен борд на меѓународните списанија Interdisciplinary Journal of Psycholinguistics and Sociolinguistics (Берлин, Германија) и Konštantínove listy (Нитра, Словачка). Почесен член е на словачкиот ПЕН центар.
Добитник е на повеќе книжевни награди во Македонија и во странство, меѓу кои би можеле да се издвојат наградите за поезија „Ацо Караманов“ (Радовиш, 1997), „Бели мугри“ (Скопје, 2012) и др., како и наградите за научен есеј на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2009 година му беше доделена словачка државна награда за научни достигнувања од Универзитетот во Нитра. Во 2013 му беше доделена наградата „Поет лауреат“ на издавачката куќа „Акслепин паблишинг“ од Филипини.
Поетски книги: „Отворени врати“ (1995), „Хорот на гнилите лисја“ (2000), „Срт“ (поема, 2003), „Чоколада во портфолио“ (2010), „Нежности без гарантен лист“ (2012).
Негови песни, есеи и студии се преведени и објавени на англиски, италијански, словенечки, српски, албански, бугарски, есперанто, украински и словачки јазик, а исто така, дел од неговото творештво е уште публикувано или претставено, на различни јазици, во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Италија, Шпанија, Р. Ирска, Чешка, Полска, Русија, Филипини, Словачка и САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.