| четврток, 6 декември 2018 |

Извадил втора лична карта за да докаже „фалсификувани“ избори

licni-karti

Охриѓанец бил пратен од партијата СДСМ да пријави во охридската полиција дека ја загубил личната карта иако тоа не било точно. Дваесет и седумгодишниот охриѓанец се нафатил на измамата за да докаже дека полцијата издава двојни лични карти за да ги фалсификува изборите, стои во соопштението на МВР.

Откако првично успеал да ја извади втората лична карта, охриѓанецот го повикал уредникот на порталот „Охридскај“, каде што му ги покажал своите две лични карти како доказ дека власта сака да ги фалсификува изборите.

Конкретно во соопштението на МВР стои:

„Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за З.Р.(1986) од Охрид поради сторено едно кривично дело поднесување лажни докази по член 366-а, став 1 од Кривичниот законик на Р. Македонија.

Врз основа на преземените мерки и активности, утврдено е дека осомничениот на 28.09.2012 година, пред службениците на Управните служби на СВР Охрид, МВР на РМ, поднел барање за издавање нова биометриска лична карта, уплатница, изјава и добил потврда за поднесено барање за лична карта и начинот на испишување на податоците во лична карта, и потврда за подигање лична карта од 10.10. 2012 година, на кои документи своерачно се потпишал. Во изјавата навел дека претходно издадената лична карта му била изгубена на точно неодреден датум иако знаел дека наведената лична карта издадена од страна на СВР Охрид, на 25.03, 2010 година, не била загубена. Истиот тоа го сторил за да не ја врати во надлежните служби според членот 11 од Законот за лични карти. На тој начин, пријавениот З.Р. успеал да ги доведе во заблуда службениците на управните служби на СВР Охрид, МВР на РМ, при што се стекнал со две биометриски лични карти кои подоцна ги употребил.

Од извршените разговори, утврдено е дека пријавениот го сторил кривичното дело кое му се става на товар со претходна умисла. Тоа се потврдува и со исказот на сопственикот и главен и одговорен уредник на порталот „Охридскај“. Имено, според негово кажување, тој бил повикан од  лица од Изборниот штаб на партијата СДСМ од Охрид, при што му била презентирана веста дека во Охрид се издавале двојни лични карти. При тоа, од страна на осомничениот му биле презентирани неговите две лични карти, едната од 25.03.2010 година и втората од 01.10.2012 година, и двете издадени од СВР Охрид. Откако ги фотографирал двете лични карти, делумно ги затемнил личните податоци и лицето на пријавениот, веста заедно со изработените фотографии ја објавил на неговиот интернет портал со конотација дека таквите „двојни“ биометриски лични карти биле издавани од страна на надлежните служби со цел „фалсификување на изборните резултати при одржувањето на локалните избори 2013 година“, кое нешто ја докажува умислата и целта кај пријавениот за извршувањето на кривичното дело за кое се товари.

Полицијата изврши разговор и со осомничениот кој во својата изјава посочи дека во август 2012 година бил повикан во централата на Социјалдемократскиот сојуз во Скопје, а превозот му бил платен од штабот на партијата во Охрид. На состанокот, според неговиот исказ, присуствувале повеќе лица кои биле поучени да поднесуваат барања за двојни лични карти по подрачните единици на Министерството за да се прикаже изборен фалсификат. Истиот во исказот посочил дека како надомест им биле ветени по 50 евра. Откако поднел барање и му била одобрена личната карта, бил повикан за да ја презентира, по што двете лични карти му биле одземени со ветување дека ќе му бидат вратени пред гласањето. Според неговите сознанија изнесени во изјавата, ваквото сценарио требало денес да биде обелоденето и на една од телевизиите.

Министерството за внатрешни работи изврши претрес кај него дома, но двете лични карти не се пронајдени, додека, според исказот на уредникот на „Охридскај“, осомничениот си ги зел веднаш откако ги презентирал во штабот на СДСМ.

По дознавањето на случајот, веднаш беше инволвиран и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, кој утврди пропусти во работењето на одговорната службеничка во Управните служби за што против неа ќе бидат преземени соодветни мерки.

МВР најави дека ќе ги исконтролира и другите сектори за внатрешни работи за да утврди дали и таму имало вакви појави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top