Романскиот премиер Виктор Понта вечерва соопшти дека денеска на пладне министерот за финасии Дариус Валков му ја доставил својата оставка на функцијата. Во изјава за медиумите Понта нагласи дека веднаш по примената оставка, разговарал со романскиот претседател Клаус Јоханис, кого го информирал дека откако Валков ќе го финализира проектот за новиот Даночен кодекс, ќе предложи име за нов министер за финансии.
Јоханис денеска побара од Понта да започне постапка за разрешување на министерот за финансии Дариус Валков, откако романската Национална антикорупциска дирекција во петокот вечерта соопшти дека започнала истрага против Валков, под сомнеж дека во времето кога бил градоначалник на Слатина и помогнал на една компанија да добие тендер во замена за поткуп од околу два милиони евра.
– Откако Националната антикорупциска дирекција започна истрага против министерот за финансии Дариус Валков, очекував дека тој ќе поднесе оставка на функцијата, но тоа не се случи. Во такви околности барам од премиерот Виктор Понта да започне постапка за разрешување на Дариус Валков од функцијата министер за финасии, се наведува во писмената изјава на Јоханис.
Валков се товари дека во периодот меѓу 2010 и 2013 година, додека ја извршувал градоначалничката функција во Слатина, ја натерал тендерската комисија да ги промени правилата, со цел тендерот да го добие компанијата која му платила поткуп. Дел од митото Валков го примил лично на рака, а дел преку фирми-посредници.
Валков во врска со овие обвинувања во петокот беше сослушан од претставници на Дирекцијата, по што изјави дека против него не е покренато никакво обвинение, но одби да даде повеќе детали за целиот случај.
Понта вчера изјави дека Валков ќе продолжи да игра клучна улога во владините економски планови и покрај тоа што е под корупциска истрага.
– Најважниот проект на Владата во 2015 година е Даночниот кодекс во кој Валков имаше и ќе продолжи да има клучна улога. Сакам сите да Ве уверам дека тој проект ќе продолжи по секоја цена и во секој политички контекст кој е поврзан со равојот на државата, наведе Понта на својот Фејсбук профил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.