Царинските службеници од Одделението за оперативни работи – мобилни тимови спречија обид за шверц на марихуана преку граничниот премин Табановце – автопат. На граничниот премин Табановце на излез од Македонија пристигнало патничко моторно возило со германски регистарски ознаки, управувано од германски државјанин. На прашање на царинскиот службеник дали има нешто да пријави за царинска контрола, лицето одговорило негативно. Возилото потоа било селектирано за детална контрола, првично со царински пес кој дал индикации за присуство на наркотични средства, по што било пристапено кон детален преглед. Притоа во повеќе фабрички делови од возилото (над предното десно тркало, во наслонот на возачкото и совозачкото седиште, во задниот лев и десен дел на багажникот и во десниот дел на предниот браник) биле пронајдени 15 пакувања наполнети со марихуана, облепени со кафеава селотејп трака со вкупна тежина од околу 14,680 килограми.
Осомничениот ја набавил марихуаната во западна Македонија и имал намера да ја пренесе во западно-европските земји. Царинската управа поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство во Куманово, а осомничениот е изнесен пред судија на претходна постапка.
Одделението продолжува со натамошни мерки и активности за откривање на други инволвирани лица во кривичното дело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.