Со камен-темелникот на новата печатница, денеска и официјално профункционира првата индустриска зона „Прилеп 1“. Сите 21 парцела во зоната во општина Прилеп ги продаде на електронска аукција. Се подготвува инфраструктурата и останува да почне изградбата на капацитетите. Поставувајќи го камен-темелникот, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески порача дека отворањето нови работни места и изградбата на капацитети на домашните инвеститори се приоритет за Владата.
– Она што го побараа бизнисмените од локалната власт и од Владата го добија, цената на земјиштето да биде што е можно пониска, комуналиите да бидат намалени и да немаат административни пречки за развој на бизнисот – рече Ставрески.
На Владата многу ѝ се битни домашните инвеститори, додава Ставрески, тие се крвотокот на економијата, создаваат работни места. Ги почитуваме сите што вложуваат во вакви тешки времиња, истакна Ставрески, оценувајќи дека со индустриските зони и слободната економска зона Алдинци за странски инвестиции, ќе дојдат подобри економски времиња за Прилеп.
За првиот стопанственик, кој гради капацитет во зоната Прилеп 1, сопственикот на печатницата „Провиста“, Зоран Дамчески, условите се многу поволни за изградба.
– Парцелата ја купив по 2 евра за квадрат на електронската аукција и многу ми е поисплатливо тука да градам отколку да адаптирам некој постоен простор. Печатницата е на 1.800 квадратни метри и се вработени 20 лица со можност за нови вработувања – изјави Дамчерски.
Во зоната ќе никнат капацитети од прехранбената, графичката и индустријата за минерални суровини. Прилеп на располагање на стопнаствениците наскоро ќе им стави уште две индуастриски зони.
– Периодов е посветен на економскиот развој на градот. Ова е првиот чекор во таа насока. Има голем интерес за парцелите во индустриските зони – рече градоначалникот Марјан Ристески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.