| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар на двочекор до историја

Македонскиот ракометен вицешампион Вардар со кошаркарски речник се наоѓа на двочекор до пласман на фајналфор турнирот во Лигата на шампионите, а првата пречка што треба да се мине е позната и не е лесна. Полскиот вицепрвак Висла Плоцк ќе му излезе на мегдан на Вардар на двомеч што почнува вечерва од 20,45 часот во Плоцк. Реваншот е во Скопје за 7 дена.

Победникот ќе игра во четвртфиналето како последна фаза на патот до „Ланксес арената“ во Келн, каде ќе се игра завршниот турнир на најдобрите честири екипи во Европа.

Вардар како фаворит ќе тргне во нокаут фазата, бидејќи беше подобропласиран од Висла, но таквиот ореол не значи ништо во вакви натпревари. Поголем адут е одличната форма на „црвено-црните“, а најмногу симпатизерите на Вардар ги храбри германската епизода во Манхајм. Против една од најсилните екипи во Бундеслигата, Рајн Некар Левен, „црвено-црните“ свиреа беспрекорна симфонија од ракомет и опасно го декласираа германскиот противник со 7 погодоци разлика. Како предупредување за следните ривали и како надеж дека конечно македонска екипа ќе го мине комплетниот пат до Келн. Металург на двапати беше сопрен во четвртфиналето, на последниот чекор, а веќе епска е приказната за несреќната елиминација на Вардар лани во двомечот со Фленсбург на „гол-разлика“ и тоа од екипа што подоцна стана европски првак.

Пекол на трибините и во Плоцк и во Скопје

И двете екипи како голем адут го сметаат домашниот терен, односно пеколната атмосфера што навивачите во сино во Плоцк и тие во црвено-црна комбинација во Скопје ја прават на трибините. За скопскиот пекол се знае одамна, а изненадување и тоа пријатно за ракометна Европа е прекрасната атмосфера во „Орлен арена“ во Плоцк.

vardar-monpelje-2

 

И двете екипи се во топ-10 според посетата по фазата по групи. Вардар е трета најгледана екипа со просек од 5.300 гледачи по натпревар, а Висла е на седмото место со 4.650 посетители во просек. И за „Орлен арена“ се повеќе се говори како непробоен бедем на Висла, терен на кој паѓаат и гигантите. Сезонава во овој циклус од Лигата на шампионите во Плоцк потклекна најпрво Барселона, а потоа и европскиот првак Фленсбург. Што е големо предупредување за ракометарите на Вардар.

Висла е клуб што постојано расте во последните неколку сезони и има големи амбиции. Првиот меч е мошне важен и „црвено-црните“ треба да го издржат притисокот во Плоцк, а потоа во реваншот на крилјата на својата публика да го направат претпоследниот чекор до историски успех и настап на Ф4 во Келн. Приказната за вардаровата армија бучни навивачи, за скопскиот пекол, за осмиот играч од трибините веќе одамна се раскажува во ракометна Европа како убав, позитивен пример.

-Македонците имаат амбиции да играат на завршниот турнир и реално аспирациите им се поткрепени со одличен состав. Го имаат најдобриот голман на светот, Арпад Штербик, и уште неколку звучни имиња. Ние им стоиме на патот и имаме намера да им го расипеме планот. Ќе бидат два неизвесни натпревари во пеколна атмосфера и во Плок и во Скопје. Навивачите на двата клуба прават извонреден амбиент, што ќе му даде посебен шмек на мартовскиот двомеч- вели Маноло Каденас, шпанскиот селектор на клупата на Висла.

Показател дека и двете екипи сериозно сметаат на голема предност кога играат на свој терен е и идентичниот биланс од 4 победи и само еден пораз во фазата по групи на домашен терен. Само 5 клуба од вкупно 24 кои играа во првата фаза имаат подобар ефект од Вардар и од Висла кога биле домаќини.

Македонско-полски двомеч со шпански шмек

Македонско-полската пресметка во осминафиналето си има своја доза шпански шмек. Селекторот на Шпанија Маноло Каденас против екстраталентираниот стратег на Вардар, Раул Гонзалес. Битка на двајца извонредни тренери од кои зависат многу работи во двомечот меѓу Вардар и Висла Плок. И двајцата се креатори на вистински ракометни бајки во Скопје и во Плоцк. Каденас го презеде кормилото на Висла во август 2013 година и веднаш направи чудо во баражот за ЛШ со елиминација на реномираниот француски клуб Монпелје.

visla

Навивачите на Висла го нарекуваат „Меџик Каденас“, а чудото од Плоцк под палката на актуелниот шпански селектор продолжува со рапиден раст. Маноло има огромно реноме во светот на ракометот, а беше тренер и на Барселона и на Адемар Леон, и е актуелен селектор на мошната Шпанија, селекција што ќе ја предводи и на ЛОИ во Рио де Жанеиро во 2016 година.

Гонзалес стаса во Скопје на почетокот на ланската сезона, како релативно непознат тренер и за кусо време покажа дека е опасен ракометен стратег. Неговата тактика против Хамбург, кога Вардар го елиминира актуелниот европски првак беше посебно презентирана како клуч за подвигот на „црвено-црните“. Вардар по нотите на Раул го кутна гигантот, а потоа забележа уште неколку вредни успеси и се етаблира како екипа која е фаворит од сенка за настап на Ф4 во Келн. Гонзалес имаше завидна ракометна кариера и бронзен медал од олимписките игри во Атланта 1996 година со Шпанија. Во Вардар го покажа и раскошниот талент како предводник од клупата, иако ова му е прва работа како прв тренер во некој клуб.

Интересно е што и за двата клуба играат вкупно петмина ракометари со шпански пасоши. Вардар ги има Штербик на голот и извонредниот бек Алекс Дујшебаев, а кај Висла силни адути се Александер Тјуменцев, Монторо Кабелјо и Коралес Родал.

Vardar - Flensburg 2014 (15) (Custom)

Вардар да не биде трета среќа за Висла

Висла Плок веројатно е најтешкиот ривал за Вардар во осминафиналето во ЛШ, во конкуренција со Данкерк и Загреб кои беа можни противници на македонскиот состав на ждрепката во Виена. Полјаците се гладни за успех, а двапати во последните три циклуси се сопнаа токму во оваа фаза. Кил во 2012 и Веспрем лани беа преголем залак за Висла.

„Се надеваме дека ќе го урнеме проклетството наречено осминафинале. Вардар има силен тим, но во вакви натпревари нема фаворити“, велат од таборот на Висла.

Најголем успех на Вардар во овој формат на Лигата на шампионите е ланското четвртфинале против Фленсбург.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top