| четврток, 6 декември 2018 |

Меѓународна археолошка конференција во Скопје

На 13 и на 14 март во Информативниот центар на ЕУ во Скопје се одржувa Меѓународна археолошка конференција насловена „Населби, култура и динамика на популациите во Балканската праисторија“. Конференцијата, која е во организација на Центарот за научни истражувања и промоција на културата (ХАЕМУС), е посветена на праисторијата и на неа ќе учествуваат 110 археолози од 20 земји од светот.

Василка Димитровска, претседател на Центарот, рече дека на презентациите секој археолог ќе го раскажува она што го работи.

– Значи некои ископувале локалитети, ќе слушнеме што сработиле во последната една, две или десет години – посочи Димитровска.

Елка Анастасова од Археолошкиот институт при Бугарската академија на науките рече дека на конференцијата ќе стане збор за нови научни придобивки, ќе биде интерпретирано нешто што е ископано пред неколку години итн.

– На 13 март во 18 часот во Музејот на Град Скопје ќе се одржи изложба на постери, на 14 март по завршувањето на конференцијата за сите учесници ќе се организира традиционална македонска вечер, а на 15 март прошетка низ музеите, истакна Димитровска.

По завршувањето на конференцијата, научните текстови од археолозите ќе бидат публикувани во посебна монографија во издание на Археопрес, престижна издавачка куќа од Оксфорд специјализирана исклучиво за публикување на научна археолошка литература.

Организаторите изразуваат надеж дека на тој начин како организација ќе придонесат во промоцијата на археологијата и културно-историското наследство на Македонија на светско ниво.

Меѓу најзначајните учесници на конференцијата од областа на предисториската археологија во Европа се: проф. Драгош Георгиу од Националниот Универзитет на уметности во Букурешт, како претставник на Научниот Комитет на конференцијата, д-р Клајв Бонсал, проф. од Универзитетот во Единбург, експерт за рана праисторија на Балканот; д-р. Марија Ѓурова од Археолошкиот институт на Бугарската академија на науките, проф. по археологија и член на бордот на Асоцијацијата на Европски археолози; д-р Јануш Козловски од Археолошкиот институт на Полската академија на науките и експерт за камени индустрии во Југозападна Европа; д-р. Драгана Антоновиќ од Археолошки институт при Српската академија на науките и уметностите и претседател на Српското археолошко друштво; д-р Жаклин Бален, директор на Археолошкиот музеј во Загреб и претседател на Хрватско археолошко друштво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top