| четврток, 6 декември 2018 |

Петерле: ЕУ ќе загуби од веродостојноста ако не почне преговори со Македонија

Словенечкиот пратеник во Европскиот парламент, Алојз Петерле, денеска ја поздрави вчерашната одлука на Европарламентот во својата Резолуција за Република Македонија по деветти пат да побара неодложно отворање на преговорите за членство на земјата во Европската унија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, искусниот Петерле, исто така порача дека Унијата ќе ја загуби својата веродостојност ако не почне преговори за членство на Македонија и оти е од суштинско значење тие да започнат што е можно поскоро.

Според Петерле, како дел од годишниот преглед на напредокот постигнат од страна на земјите кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан, Европскиот парламент гласаше за препораките за Република Македонија.

Тој вели дека е најважно што ЕП едногласно го повтори по деветти пат својот повик до Европскиот Совет да одреди датум за почеток на пристапните преговори. ­

-Од суштинско значење е преговорите за пристапување со Република Македонија да почнат што е можно поскоро. ЕУ ќе започне да губи од својата веродостојност и трансформациска моќ во регионот ако преговорите за пристапување систематски се блокирани поради билатералните прашања, кои е многу полесно да се решат со отпочнувањето на преговорите за членство, порачува Петерле.

Словенечкиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), најбројна група во Европарламнетот, потврди дека „нема додадена вредност во понатамошното одложување на отворањето на преговорите, кои се најдобар начин да се продолжи со реформскиот процес во Македонија”. Притоа, Словенецот ја изрази и својата загриженост за влошувањето на односите меѓу власта и опозицијата. ­

– Спорот меѓу владата и главната опозициска партија е штетен за функционирањето на демократијата и исто така има негативно влијание врз процесот на пристапување кон ЕУ и општата состојба на земјата, истакна Петерле.

Словенечкиот пратеник во Европарламентот се осврна и на работата на Мешовитиот парламентарен комитет и посочи дека тој е важна алатка за размена на мислења, зајакнување на дијалогот и политичката култура, промовирање подобро разбирање и градење политички обврски кои ќе го подобрат процесот на пристапување. ­ Јас и моите колеги сме подготвени да го искористиме нашето знаење, искуство и да дадеме напор да посредуваме со цел да се постигне напредок во внатрешните спорови и во односите со соседите.

– Јас навистина се надевам дека македонските лидери, како од позицијата, така и од опозицијата, дека ќе постигнат политички договор со цел да се овозможи целосно застапен парламент и меѓу другото ќе помогнат во обновување на целосното функционирање на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-­Македонија, порача Петерле

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top