„Оскар“ за Оскар дош Сантош и голем срам за холандскиот судија Бјорн Кујперс за лошата арбитража на мегадербито меѓу Челси и Пари Сен Жермен, вчеравечер во Лондон.
Оскар одлично одглуми повреда во 31. минута по стартот на Златан Ибрахимовиќ и буквално изнуди исклучување за напаѓачот на гостите од Париз. Глума за холивудски оскар, што на крајот не му донесе ќар ниту на бразилскиот репрезентативец, ниту на Челси.
„Луиз, Силва и останатите херои на ПСЖ заслужено и во име на правдата му ја одземаа главната ролја на судијата Кујперс“, е еден од коментарите на социјалните мрежи.
Холандскиот судија Бјорн Кујперс се загуби во вителот на големата битка на „Стамфорд бриџ“, што беше сосема неочекуван развој на настаните со оглед на реномето. Престрого го исклучи Ибрахимовиќ, кој стартуваше остро, но ги собра нозете во дуелот со Оскар и не заслужи црвен картон. Кујперс имаше грешки во проценките, пречесто дозволуваше кавга на теренот меѓу играчите од двата табори и на крајот заслужи слаба оценка поради попустливоста кон Диего Коста.
Напаѓачот на Челси имаше жолт картон, а Кујперс заборави да му додели и втор во финишот на регуларниот дел поради туркање на противнички играч, што автоматски ќе беше и исклучување за Коста. Премногу грешки на едно место за судија кој лани го судеше финалето на ЛШ меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, потоа беше и глевен арбитар на завршниот меч во Европа Лигата на УЕФА во 2013 година меѓу Челси и Бенфика, а беше делител на правдата и на натпреварот за титулата на Купот на конфедереации истата година меѓу Бразил и Шпанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.