Деновиве во вода на опозицијата и паднаа сите обвинувања за „изолацијата на Македонија од меѓународната сцена“. Во налетот на нивната агресивна црна кампања се користеа сите обиди и „врски“, претежно кај членови од сестринските партии на СДСМ, за изјави кои би ја поткрепиле нивната теза дека „меѓународната заедница го стави во изолација овој режим со кој државата назадува во евроатлантските интеграции и економијата“. Покрај демантите кои стигаа од странските новинари-аналитичари чии написи беа лажно и конструирано пренесени, преку демантите од европски политичари на функции, деманти во форма на поддршка на политиката на македонските власти стигаат и од челниците на глобални институции како што се НАТО и ММФ.
Само во рамки на последните два дена, додека Заев и сопартијците ги пребројуваа побараните акредитации од странските амбасади за присуство на опозициското „шоу“ во Универзалната сала во Скопје, од надвор стигнаа бројни поддршки и потврди за успешноста на македонската политика.
Премиерот Никола Груевски денеска беше на средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Столтенберг по средбата порача дека Македонија е важен партнер за Алијансата и аспирантска земја за членство во НАТО и дека во оваа организација се посветени на македонскиот пат кон полноправно членство. Груевски беше придружуван од министрите за надворешни работи Никола Попоски и за одбрана Зоран Јолевски. Заедно со Столтенберг размениле мислење за постојниот напредок во процесот за евроатлантски интеграции на Република Македонија во рамки на 16-тиот циклус од Акцискиот план за членство на земјата во НАТО, како и за повеќе политичко-безбедносни прашања од заеднички интерес.
Дека македонските евроинтеграции не се „загрозени заради владеењето на Груевски“ потврдија и мнозинството гласови во Европскиот парламент, каде денеска беше усвоена резолуцијата за напредокот на Македонија, предложена од словенечкиот европратеник Иво Вајгл. По деветти последователен пат, Европскиот парламент го повика Советот на Европската Унија да утврди датум за почеток на преговори со Република Македонија, со цел да не го скрши еланот, да ги забрза реформите поврзани со европските придобивки и да го зацврсти процесот на демократизација. Европратениците со големо мнозинство потсетија дека разликите околу името не треба да бидат пречка за отворање на преговори, според европратениците, тоа е билатерално прашање и не треба да биде пречка за почеток на преговорите иако треба да се реши пред процесот на зачленување.
– Македонија преминува тешка криза, која се должи на фактот што таа се наоѓа во тотален ќорсокак, и секогаш ЕУ ги разочарува не само македонската влада, туку и народот на Република Македонија – рече известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл.
Ако пред неколку дена Кристин Лагард, првото име во Меѓународниот монетарен фонд, ја поздрави одлуката на Македонија пред време да ги отплати своите преостанати обврски кон Фондот, оценувајќи дека со тоа се докажува подобрениот пристап на земјата на меѓународните пазари на капитал, ММФ сега забележи напредок во намалувањето на стапката на невработеност во Република Македонија. Фондот посочува дека младите во Македонија и во Србија имаат многу поголеми можности за наоѓање работа во однос на младите од регионот, заради инвестициите во образованието и ефектите од странските директни инвестиции. Ова е големо признание за економските политики на Владата.
Ова се само дел од активностите во кои Македонија и нејзиното политичко и економско водство во само во два дена добиваат позитивни оценки. Така, оценките на опозицијата за изолација на Македонија од меѓународните процеси, евроатланските интеграции, но и наводниот „економски ќорсокак“ се само дел од непотврдена црна кампања на политичка опција која без никаква поддршка сака да се дограби до власт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Донесена одлука за почеток на јавната расправа за уставните измени
-
Заев незадоволен од Хазби Лика, Османи: ДУИ нема намера да менува министри