| четврток, 6 декември 2018 |

Матјаж Брумен: Сѐ уште чувствувам болка, но ќе бидам подготвен до сабота

РК Вардар в сабота го очекува првиот натпревар од двомечот во Лигата на шампионите против Висла Плоцк на гостински терен.
Еден од столбовите на тимот, словенечкиот интернационалец Матјаж Брумен, се врати на тренинзите по тринеделната пауза поради повреда на десното рамо.
Тој цела недела тренира заедно со своите клупски колеги со полн интензитет и се надева дека ќе може да ѝ помогне на екипата на гостувањето за остварување на поволен резултат пред реваншот во Скопје.

– Многу подобро се чувствувам. Сѐ уште имам болка, но ќе можам да играм в сабота против Висла. Добро ми дојдоа три недели одмор и сега ме очекува само уште еден преглед до сабота, но освен ако не се случи нешто ептен непредвидено, можам да играм – изјави Брумен за клупскиот веб-сајт на РК Вардар.

Иако не беше дел од екипата, драго му е за големите победи на Вардар во последните дваесетина дена и против Рајн-Некар и во СЕХА-лигата, особено против Веспрем. За она што следува, натпреварот против Висла, тој само посакува да продолжи серијата.

– Тимот победува, а тоа е најважно. Сѐ додека играме вака, ќе биде добро – додаде накратко Словенецот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top