| четврток, 6 декември 2018 |

Златото е минато во Ватикан

Новиот папа Франциск ја менува сликата за Ватикан. Златните прстени, кадифените одежди и крзното од хермелин се минато. Новиот тренд е понизноста.

papa inauguracijaНовоизбраниот врховен поглавар на Римокатоличката црква одбива да ѝ се потчини на традицијата на луксузна облека и воведе едноставен стил. Од момент кога излезе пред насобраните верници пред Сикстинската капела за да ги поздрави како нов папа, разликата беше видливо јасна, пишува „Франс прес“.

Белата одора беше едноставна, без чипки и набори, а наместо традиционалниот златен крст, тој го избра железниот што го има откако беше именуван за помошен бискуп на Буенос Аирес во 1992 година. Папата, исто така, избра скромен папски прстен од сребро, изработен пред неколку векови наместо да дозволи да се изработи нов прстен наменет за него.

Папскиот, односно рибарскиот прстен досега неизоставно беше од злато со слика на свети Петар во чун, кој фрла мрежа и со името на папата што го носи. Но, новиот папа избра прстен од сребро на кој е изгравиран ликот на свети Петар, кој ги држи клучевите од рајот.

– Одлуката на папата да се откаже од скапоцените предмети и да ги избегнува материјалите како златото е во склад со неговата желба да ја нагласи верската симболика на тие предмети – вели Паоло Пичиоти, златар од Рим.

Иако тоа не е добра вест за него и за неговите колеги, тој вели дека тоа е сепак една моќна порака дека папата сака да тргне во насока на обнова на црквата. Избирајќи едноставни предмети за облекување, папата Франциск му оддава почест на својот имењак Франциск Асишки, кој го одбил семејното богатство и решил да живее едноставен живот.

Новиот папа, исто така, го одби стариот обичај да носи црвени чевли, кои ги симболизираат католичките маченици и реши да ги задржи чевлите со црна боја, што му ги подарил пријател.
Ватикан потврди дека тогашниот надбискуп на Буенос Аирес, Хорхе Бергољо, на конклавата дошол со искинати чевли. Пријателот му рекол дека со такви чевли не може да оди никаде, па му купил нови.

Папата Франциск на инаугурацијата беше облечен во костум што му го сошил Паоло Серпоне од Неапол. Тој за медиумите изјавил:

„Во согласност со желбата на папата за сиромашна црква, дизајниравме едноставна одежда од евтин материјал“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top