Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) во кое членуваат историчари, научници, професори, новинари, интелектуалци и глумци вечерва одржа трибина во салата Расадник во скопската населба Кисела Вода.
Професорката Виолета Ачковска во своето обраќање пред скопјани оцени дека по кој знае кој пат во историјата Македонците повторно се жртви на едно антимакедонско сценарио и велепредавство.
– Знаеме што значеа туѓите пропаганди, инволвираноста на туѓите интереси и сили во македонското национално ткиво. Со децении ги делеле Македонците, да се мразат брат со брат и да не може да се осознаат како Македонци. За жал таа трагична историја ја доживуваме и ден денеска – рече професорката Ачковска.
Според неа, само доколку македонскиот народ е обединет може да ја одбрани државата. – Дали ќе го опстоиме како држава и дали ќе го сочуваме своето национално единство зависи од нас, Македонците. Ако сме заедно и обединети, тогаш сме посилни и само така можеме да ја сочуваме нашата држава на ова балканско парче земја кое е изложено на многу сурови ветришта – нагласи Ачковска.
Професорот Александар Климовски од Правниот факултет смета дека ситуацијата во која се наоѓа државата не може да биде надмината без правна разрешница. Тој го повика Јавното обвинителство и судството да ги преземе сите мерки кои му стојат на располагање за овој случај со прислушувањето да добие судска разрешница.
Тој оцени дека опозицијата води нелојална политичка борба користејки недозволиви криминални дејства на малограгански начин. – Срамно е тоа што без пардон се влегува во приватноста на луѓето и што почнува да се навлегува и во нивната интима. Срамно е и тоа што ова се прави од страна на политичка партија и што Зоран Заев е предводник на една ваква негативна кампања, а тој беше аболиран за финансиски криминал тежок осум милиони евра. Граѓаните имаат силна колективна меморија и многу добро знаат што е добро владеење и управување со државата, што е патриотизам, а што предавство – рече Климовски.
Новинарот Миленко Неделковски го повика судството да го третира лидерот на СДСМ како секој граѓанин и, како што рече, доколку тој не ги почитува судските правила и норми, тогаш да биде приведен.
Според новинарката Мирка Велинова, оваа ситуација мора да престане, а доколку се погледнат фактите тогаш може да се види како се подготвува терен за поделба, за граѓанска војна.
– Цел месец гледаме како се подготвува македонскиот народ за поделба, се подготува терен за граѓанска војна што никогаш не сме го имале како искуство. Исклучени се од оваа игра албанските политички фактори и другите малцинства и носителите на функции на СДСМ, Таргетиран е македонскиот глас кој во девет циклуси едно по друго дава доверба на одредена политичка структура – рече Велинова.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов укажа дека Македонија е повторно нападната, но овој пат од домашни предавници потпомогнати од странска служба.
Покрај вечерашната, Граѓанското здружение за одбрана на Македонија досега одржа трибини во повеќе градови низ државата како Битола, Куманово, Велес, Штип, Кавадарци
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.