ЖРК Вардар остана во игра за толку посакуваното второ место во групата 1 од Лигата на шампионите. Најголемиот конкурент за тоа второ место екипата на Динамо Синара киксна на свој терен на едно коло до крајот одигрувајќи само 30-30 против екипата на Турингер.
Динамо водеше во текот на целиот натпревар и на само 3 минути до крајот имаа предност од три гола, но германскиот менталитет повторно стапи на сцена и Турингер со три гола едноподруго успеа да дојде до нерешен резултат кој покрај тоа што ги носи во следната рунда, му отвара шанса и на македонскиот шампион и минатогодишен учесник на фајнал-фор турнирот да дојде до втората позиција и да ги избегне Ѓер и Ларвик во четвртфиналето.
Сепак за да се оствари тоа вардарки мора да победат во последното коло против Динамо со девет голови разлика и да го анулира поразот од Волгоград во кој загубија со 33-25, или да победи со осум разлика, но да не прими повеќе од 24 гола.
Дрим-тимот на Индира Кастратовиќ има сили за такво нешто бидејќи е непиркосновен на свој терен оваа сезона со само еден нерешен резултат, и се очекува уште од првата минута да тргнат да ја решетаат мрежата на противникот следниот викенд.
На табелата на коло до крајот, Будуќност има 17 бода, Динамо Синара 11, Вардар 9, Турингер 9, Лајпциг 6 и Крим 2 бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.