| четврток, 6 декември 2018 |

Во Могила будно се следи состојбата со Црна река

Градоначалникот на општина Могила Стево Пивковски со тимови од општинскиот кризен штаб ноќеска ќе дежураат и ќе ја следат состојбата со надојдените води на реката Црна, но и на реката Шемница која минува низ неколку населени места во таа општина.

– Кризата се повтори, а ненавремената санација на оштетените делови на коритото на реката Црна придонесе реката повторно да се излее и да го поплави атарот на општина Могила, изјави Стево Пивковски, градоначалник на општина Могила, по вечерашната средба со своите соработници.

Тој додаде дека патниот правец и сообраќајни врски меѓу селата Могила и Радобор се во целосен прекин. Во опасносот од поплавување се и селата Чарлија и Радобор, каде засега нема проблем од поплавување на куќите но земјоделските површини се целосно поплавени.

Пивковски вели дека според првичните проценки на одредени делови има од половина до 2 метри вода и тоа ја зголеми штетата на земјоделските површини, на кои веќе не се смета за пролетна сеидба.

Состојбата со поплавените површини во општина Могила ја следат и од регионалното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување од каде информираа дека треба да се очекува мирна вечер во општина Могила, но степенот на претпазиливост е на високо ниво.

– Населените места во овој момент не се во опасност. Во Могила, Вашарејца, Ношпал, Чарлија и Радобор има тимови кои го следат нивото на реките и надојдените води. Полето е под вода, штетите се зголемуваат, но најважно е да се превенира и дејствува во вистински момент, и ние тоа го правиме, истакна Јошевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top