| четврток, 6 декември 2018 |

Зголемен водостојот на Вардар, Радика, Треска, Сатеска и Црна Река

reka zima sneg

Водостојот на природните езера во Македонија е непроменет, а кај реките се забележува негово зголемување, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

– Најголемо покачување на водосотојот бележиме во сливовите на реките Радика, Треска, Сатеска и Црна Река, а во останатите сливови бележиме благи до умерени покачувања. Како последица на топењето на снегот очекуваме зголемени водостои на сите водотеци во државата. Поради позитивните температури на воздухот проследени со врнежи од дожд и топење на снег предупредуваме на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, особено во сливовите на реките Треска и Радика, велат од УХМР.

Според нив, најголем пораст на водостојот од 56 сантиметри утринава во 8 часот има реката Вардар кај мерната станица Јегуновце. Нивото на Вардар пораснало за 29 сантиметри на мерното место кај Зајчев Рид во Скопје и за 5, односно 4 сантиметри кај Велес и Демир Капија.

Значително зголемување на водостојот од 46 сантиметри има и Црна Река кај мерното место Новаци.

Намалување на нивото од 5 сантиметри од вчера до денеска е забележано кај Радика, а од 2 сантиметри Крива Река. Кај сите други реки кај кои што се вршат мерења нивото на водостојот се зголемило или, пак, останало на истото ниво како вчера.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top