| четврток, 6 декември 2018 |

На старо или на ново важно е да вози

Јануарските податоци од годинава покажуваат дека во земјава биле увезени вкупно 1.368 автомобили, од кои 1.100 биле употребувани, а 165 нови возила. Во истиот месец минатата година бројот на увезени возила бил двојно поголем, односно 2.239 автомобили. На годишно ниво, во 2014 година во земјава влегле вкупно 35.107 возила, што е слично на увозот во 2013 и во 2012 година, но е многу помалку од 2011 година кога во земјава влегле 42.527 возила, а во 2010 година, пак, дури 65.519 возила

Ми требаше автомобил и се мислев дали да купам нов или, пак, половен на старо. Аргументи имаше и за и против и за двете варијанти, но пресудно да земам веќе користен автомобил беше убедувањето дека новиот автомобил штом ќе излезе од салон веднаш губи од својата вредност и колку и да го возам не можам да ги извадам парите што ќе ги дадам за него. А, работа врши и новиот и половниот автомобил. Плус, сега има одлична понуда на стари возила, па купувањето на ново би било залудно фрлање пари. Сепак, при купување треба да се отворат четири очи бидејќи се користат разни измами за да се продаде возилото. Најчесто се менува километражата или, пак, велат дека автомобилот не е удрен, а тој сто пати е пребоен. Затоа јас избирав со автомеханичар и си купив одлично возило, за кое никој не би погодил дека е на старо – вели еден скопјанец, кој неодамна се поднови со стар автомобил. Тој е задоволен од изборот, но има многу други што не се толку задоволни поради многубројните пропусти кои не ги виделе при купувањето, па сега си ја удираат главата како да го возат автомобилот кој се расипува на неколку километри, му откажуваат делови, па излегува дека поевтино е да си купеле нов автомобил. Но, парите се дадени и враќање нема. Дел од граѓаните, сепак, се решаваат за купување ново возило бидејќи на тој начин се сигурни дека неколку години ќе бидат мирни и нема нонстоп да трчаат по мајстори.

Други, пак, поради недостигот од финансии, немаат никаков автомобил, со оглед на тоа дека автомобилот не треба само да се купи, туку бара и средства за негово одржување, регистрација, гориво. Можеби токму тоа е причината што паѓа увозот на половните, но и на новите возила. Јануарските податоци од годинава покажуваат дека биле увезени 1.368 автомобили, од кои 1.100 биле половни, а 165 нови возила. Во истиот месец минатата година бројот на увезени возила бил двојно поголем, односно 2.239 автомобили. На годишно ниво, во 2014 година во земјава влегле вкупно 35.107 возила, што е слично на увозот во 2013 и во 2012 година, но е многу помалку од 2011 година кога во земјава влегле 42.527 возила, а во 2010 година, пак, дури 65.519 возила.

Увозниците на нови возила потврдуваат дека од година в година опаѓа продажбата, а тоа се должи на опаднатата куповна моќ на граѓаните, но и на конкуренцијата што ја имаат од увозниците на половни возила. Сопствениците на плацови за половни возила, пак, велат дека продажбата опаѓа и кај нив. За разлика од лани, годинава најавуваат и поскапи возила поради воведувањето на стандардот Евро 3.
Податоците од Царинската управа потврдуваат дека увозот опаѓа, но и дека нема промена на давачките за увоз.

– При увоз на патнички вози­ла се наплаќа царина, која за патничките возила е 5 про­центи од вредноста, за влекачи е 0, за камиони е 5, а за употребуваните 15 проценти. За автобуси, исто така, е 5 проценти, со тоа што доколку се произведени во земји со кои имаме спогодба за слободна трговија, царинската стапка е 0 проценти. ДДВ за сите возила е 18 проценти, а акциза се наплаќа од 0 до 18 проценти само за патнички возила во зависност од вредноста – објаснуваат од Царинската управа.

Според нив, намалувањето на увозот може да се должи на промената на условите за регистрација на употребуваните патнички возила, односно на тоа што од јануари годинава во земјава може да се увезуваат само возила по стандардот Евро 3.

Сопствениците на плацови за половни возила потврдуваат дека воведувањето понови стандарди го забавува увозот.

– Проблем е укинувањето на стандардот Евро 2 по кој можеше да се увезува до декември лани. Тоа беа постари возила, а со тоа и поевтини. Сега увезуваме, но со помал интензитет. Ако лани за цела година сум увезол околу 250 возила, годинава за истите пари ќе можам да увезам половина од тоа – велат сопствениците на автоплацови.

И увозниците на нови возила потврдуваат дека лани имале помала продажба на автомобили во однос на 2013 година.

– И годинава очекуваме намалена продажба за околу десет проценти. Причина е можното презаситување на пазарот со половни автомобили, но и куповната моќ на граѓаните, која е падната – објаснуваат увозниците на нови автомобили.

Според Законот за екологија, од годинава има нова давачка за употребувани моторни возила. Таа се движи од 2.000 денари до 3.000 денари. Според Законот, за употребувани моторни возила за превоз на десет или повеќе лица увозниците ќе плаќаат надомест од 3.000 денари. За патничките возила висината на надоместокот зависи од зафатнина на цилиндарот, и таа се движи од 1.500 до 3.500 денари. За употребувани патнички автомобили што работат на дизелски мотор давачката, исто така, зависи од зафатнината на цилиндарот и се движи од 2.500 денари до 3.500 денари.

За употребувани товарни моторни возила за превоз на стока давачката е 5.000 денари, односно 7.000 и 8.000 денари во зависност од бруто-масата.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 130. број на неделникот „Република“, 27.02.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top