| четврток, 6 декември 2018 |

Со новиот закон се воведуваат еколошки налепници, еве како ќе се категоризираат возилата

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, денеска, одржа прес конференција на која ги појасни новите измени во Законот за возила со кој се воведуваат еколошки налепници, субвенции за електрични и хибридни возила и нивното позитивно влијание врз намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух и здравјето на граѓаните.

Макрадули истакна дека со предложените измени на Законот за возила, Владата на Р. Македонија започнува со координирана и интегрирана акција во борбата за здрава животна средина и справувањето со аерозагадувањето, каде урбаниот транспорт претставува важен сегмент.

-Согласно европските еколошки стандарди и добри практики, со предложените измени на Законот за возила, се воведуваат еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото, (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило). Согласно одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони. Возилата од првата еколошка категорија (возила со европски емисиони стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила) се означени со еколошка налепница во зелена боја, и ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, се вели во соопштението од Министерството.

Возилата од втората еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се означуваат со еколошка налепница во жолта боја за кои ќе има ограничено движење во сообраќајот.

Возилата од третата еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, ќе се означуваат со еколошка налепница во црвена боја и за овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.

Еколошката категоризација на возилото ја прави овластена техничка служба.

Со донесување на законот за изменување и дополнување на Законот за возила, согласно заклучоците на Владата на Република Македонија ќе се утврдат и одредби со кои Министерството за економија се задолжува за воведување на Програми за доделување на субвенции при купување на возило на електричен погон или поврат на дел од средствата на физичките или правните лица кои ќе купат возило на електричен погон или хибридно возило.

Со Програмата за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила, се предвидуваат субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.

Со овој закон се предвидува Програма за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила.

Со Програмата се субвенцинира 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1200 возила на годишно ниво.

Истовремено со овој Предлог на закон се предвидува Програма за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старо возило со цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Исто така, на барање на здруженијата на такси превозниците, за нив се воведуваат жолти таблици со кои ќе се воведе ред во такси услугите и со кои, од една страна, ќе се намали нелојалната конкуренција, а од друга, ќе се зголеми квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.

Освен тоа, законот ги утврдува и стандардите за регулирање на системот за вградување на плински уреди на возилата.

Сите овие измени имаат за цел имплементација на европските еколошки стандарди и поттикнување на купувањето на електрични и хибридни возила, со што долгорочно ќе се влијае врз намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух, кој го предизвикува сообракајот

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top