Владимир Тодоровиќ, актуелниот и кандидат за градоначалник на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, вечерва пред жителите на скопската општина Центар побара в недела, на локалните избори, да излезат што помасовно и да гласаат за оние што знаат да работат, за оние што оставија дела со кои ќе се гордеат поколенијата. Тодоровиќ на вечерашниот митинг потсети што сѐ направил во изминатиот период и кажа што планира и за следниот мандат.

Во план се довршување на плоштадот пред црквата „Св. Димитрија“ преку Камениот мост, изградба на целосна инфраструктура во новопроектираните населби во Ново Маало, Маџир Маало и Крњево, подобрување на условите за предучилишно воспитание и образование, на местото на постојната градинка на улицата „Козара“, изградба на нова детска градинка со двојно поголем капацитет од околу 400 нови места за престој на најмладите, изградба на пензионерски дом во Дебар маало, обнова на фасади на зградите…
– Се надевам дека за четири години од денес на нашата следна средба ќе бидете сведоци на новите промени, на новите дела што ќе ги создадеме заедно со вас. До тогаш бидете сигурни дека сме на вистинскиот пат, дека покажавме и допрва ќе покажуваме како се сака Македонија – изјави Тодоровиќ.
Тодоровиќ рече дека за него најважни се граѓаните на општина Центар и истакна дека Центар не е само плоштад „Македонија“, туку и населбите Капиштец, Маџир Маало, Дебар Маало, Пролет, Ново Маало, Крњево, Буњаковец, Водно, Градски ѕид и Кале.
Тој рече дека „Проектот Скопје 2014‟ е мега проект кој тешко би можел да го реализира било која власт, во било која земја. Тоа што опозицијата го напаѓа неаргументирано, како што рече Тодоровиќ е само за да ја оправда својата неспособност кога таа била на власт.
– Ова е доказ дека зад нас стојат дела, делата што ги направивме заедно со Вас и дадоа вистински европски лик на општината. Така ќе продолжиме и во наредните четири години, излегувајќи во пресрет на барањата на граѓаните – заврши Тодоровиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


