| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК: Испораката на руски гас за Европа е гарантирана

Европската комисија по вчерашната средба во Брисел меѓу неа, Русија и Украина, смета дека испораките на гас за земјите од ЕУ се безбедни.

– Не сум загрижен, бидејќи снабдувањето со гас за пазарите на ЕУ останува безбедно, изјави синоќа потпретседателот на ЕК одговорен за енергетика Марош Шевчович, по разговорите во Брисел.

Украина е најважната транзитна земја за рускиот гас на неговиот пат кон Запад. Преговарачите, исто така, гарантирале дека т.н. „зимски пакет“ на испораките за Украина во текот на зимските месеци ќе биде целосно доставен.

Според високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини вчерашните преговори во Брисел ќе помогнат за приближување на позициите на Москва и Киев за испораката на гас.

– Овие напори се дел од конкретната поддршка на ЕУ за спроведување на договорите од Минск – нагласи Могерини.

Во заедничкото соопштение на Шевчович и na Могерини се наведува дека компаниите „Гаsпром“ и „Нафтогаs“ дале гаранции за сигурен транзит на синото гориво кон Европа.  

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top