| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен ден на Агенцијата за станбен и деловен простор со граѓаните на Прилеп

На 31 март истекува и рокот за поднесување барања за правно регулирање на општествените станови. Во Прилеп такви општествени станови се 140

cvetko-grozdanov

Цветко Грозданов

Во подрачната единица на Агенцијата за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во Прилеп се одржа „Отворен ден со граѓаните“. На средбите со граѓаните, првиот човек на Агенцијата Цветко Грозданов одговараше на прашањата и проблемите што ги имаат со откупот на општествените станови и за закупот или откупот на социјалните станови.

Според Грозданов, досега во Прилеп поголем е интересот за закуп, отколку за откуп на социјалните станови.

– Во Прилеп има една зграда изградена за лицата со ниски примања и во моментов тече огласот од Министерството за транспорт и врски за продолжување на нивните договори за закуп со агенцијата наредните пет години или пак да ги откупат доколку во меѓувреме имаат повисоки примања. Такви станови се 52. На педесет станари им ги доставивме документите и правилниците според Законот за домување преку кој ќе можат да го закупат или откупат станот. Одѕивот е добар и досега 47 станари поднесле барање за закуп, а двајца за откуп на станот. Рокот за поднесување барања е до 31 март, изјави Грозданов.

Тој додаде дека има време граѓаните да се премислат и наместо закуп да побараат откуп на станот.

На 31 март истекува и рокот за поднесување барања за правно регулирање на општествените станови. Во Прилеп такви општествени станови се 140.

– Имаме толеранција за одредено доцнење на ратите за закуп или откуп на становите зашто станува збор за лица со ниски примања, но не тоа да биде во недоглед. За решавање на проблемите и прашањата што ги имаат граѓаните, вработените во подрачната единица и во Агенцијата во Скопје им стојат на располагање, рече Грозданов.

Откако ќе заврши рокот за поднесување барања, апликациите ќе се разгледаат и според примањата на граѓаните во последната година има подкатегории за висината на ратите, објасниГрозданов.

– На оние станари кои примаат социјална помош и не може да плаќаат рати за закуп на социјалните станови, државата ќе им ги плаќа ратите, рече Грозданов.

До крајот на јули, информира, ќе биде готова и втората зграда во прилепската населба Точила со 79 станови за социјално загрозените лица. Тогаш Министерството за транспорт и врски ќе го отвори конкурсот за аплицирање и се очекува до октомври новите станари да се вселат во тие станови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top