Ексклузивната исповед на дедо Љубе од селото Којково ја објави весникот „Дневник“. Во текстот меѓу другото се нагласува дека дедо Љубе многу пати досега им го спасувал животот и на соселаните, како и на планинари кои биле заталкани и премрзнати на Осогово. Им помагал и на своите рудари-колеги од рудникот Злетово.
Но на дедо Љубе и на неговата сопруга немало кој да им помогне во средата вечерта. Тој за „Дневник“ раскажува како со бабата сами во селото каде што неколкуте соседни куќи се оддалечени со километри останале на немилост на двајца разбојници кои влегле во нивниот дом за да ги ограбат. Тепан и малтретиран дедо Љубе се помирил со судбината, но безграничната љубов кон својата сопруга го натерала уште еднаш да даде се од себе и да помогне како и многупати претходно, но овој пат цената за тоа била страшна-да земе туѓ живот.
Петицијата „Слобода за Дедо Љубе“ може да ја потпишете тука
Продолжението на приказната е добро позната. Драмата завршила со убиство на Зоран З. (28) од селото Пантелеј и со ранување на неговиот ортак Б.И. (28) од селото Поплаки, во кои Љупчо М. (73) испукал два патрона од ловечка пушка. По сила на законот, полицијата против старецот поднесе три кривични пријави: за убиство, за обид за убиство и за нелегално поседување оружје.
Сепак, дедо Љубе не бил притворен и по дадениот исказ пред истражниот судија бил пуштен дома. Таму и го најдовме два дена по немилиот настан, пишува „Дневник“.
Големите како мастило обоени модринки на рацете и засечените зглобови на нозете кажуваат колку болка и напор требало за да се извлече од јажето со кое бил врзан. Додека насилниците во една од собите ја малтретирале старицата барајќи пари, дедо Љубе се извлекол низ другата врата и од подрумот ја извадил старата ловечка пушка. Веднаш се вратил назад и на вратата го начекал Зоран кој во рацете држел моторна пила подготвен да нападне. Арамиите не биле ни свесни дека тоа е старецот, мислејќи дека тој сеуште врзан лежи во другата соба. Тие слушнале звуци, па плашејќи се дека дошол некој од соседите се подготвиле за напад. Но, звукот од брчењето на моторната пила го прекинал истрелот од сачмарката. Зоран паднал како покосен на прагот, а дедо Љубе успеал кон силуетата на другиот разбојник го истрелал и вториот куршум од двоцевката. Арамијата, иако ранет успева да избега.
-Што да кажам, морало така да биде. Многу голема среќа имав што јажето беше меко и успеав да го оттргнам од рацете, а во подрумот стоеше таа стара пушка на дедо ми. Се исплашив, си реков, готово е. Но, повеќе се исплашив за бабата, си мислев мене ќе ме отепаат, таа ќе остане сама, вели дедо Љубе.
На социјалните мрежи масовно се потпишува петиција упатена до Министерството за правда и Претседателот на Република Македонија за ослободување на дедо Љубе. Граѓаните масовно ја поддржуваат акцијата со која се дава поддршка на старецот кој го бранел сопствениот живот и животот на неподвижната сопруга од арамиите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.