Со инвестицијата на американската компанија „Гентерм“ во изградба на фабрика во индустриската зона во Прилеп ќе се отворат 2.000 нови вработувања и ќе има многу работа на локалните фирми, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
– Како што објавија претседателот на компанијата и другите негови соработници, „Гентерм“ влегува во Македонија и го одбра Прилеп за локација. Градбата ќе почне многу брзо, некаде март, април и ќе заврши брзо некаде во октомври, затоа што тие веќе ги прават подготовките – изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања, по пуштањето во употреба на спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во село Љубанци.
Вработувањата, истакна, ќе почнат во октомври и постепено ќе се достигне бројката од 2.000 луѓе. Компанијата објави дека ќе почне да ги регрутира првите вработени и да ги испраќаат на тренинг затоа што во октомври некој треба веќе да започне со работа и тоа е добро, а во октомври ќе почнат помасовно да примаат луѓе.
– Ќе биде одлично за граѓаните на Прилеп и на целиот прилепски регион затоа што сите што живеат во тој регион ќе имаат можност да конкурираат и да се вработат и да бидат дел од овие 2.000 луѓе. Ќе има доста работа и за локалните фирми коишто можат да бидат набавувачи на „Гентерм“ – наведе Груевски, потенцирајќи дека „Гентерм“ веќе има 8.600 вработени во автомобилската индустрија.
Инвестицијата, како што рече, е резултат на заеднички сили од повеќе лица и долго работење на Владата со оваа компанија, по долги убедувања.
– Во конкуренција на пет други држави, Македонија беше избрана како најдобра локација за градба на нивната следна фабрика – изјави премиерот Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.