Во скопската населба Ново Лисиче денеска беа промовирани подземни контејнери, во кои ќе се селектира отпадот. Промоцијата официјално ја означија градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи.
Подземни контејнери се изградија на три локации во Општина Аеродром и тоа пред ТЦ „Три бисери“, зад ТЦ „Капитол“ и спроти ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, избрани, како што наведоа на промоцијата, пред сѐ заради големата концентрација на население.
Станува збор за заеднички трипартитен проект меѓу Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и Општина Аеродром, кој чини 6.600.000 денари, така што секоја од овие три институции вложува по една третина од сумата.
Подземните контејнери се иноксни и секој од нив има зафатнина од 3 кубни метри. Предноста на ваквиот начин на собирање на отпадот е повеќекратна, посебно поради тоа што еден ваков подземен контејнер според капацитетот заменува три од постојните контејнери што се во употреба, па се постигнува повисок степен на хигиена и избегнување на непријатната миризба, која често е присутна во близина на контејнерите.
– Би сакал да се заблагодарам на Град Скопје и на Комунална хигиена не само за добрата соработка, туку пред сè за тоа што имаат слух за потребите на жителите на Аеродром за подобрување на хигиената, која колку и да е добра, секогаш се стремиме да ја кренеме на уште повисоко ниво“, изјави градоначалникот Коневски.
Градоначалникот Трајановски истакна дека на секоја од наведените локации, има по два подземни контејнери за одложување на комуналниот отпад, како и еден подземен контејнер за ПЕТ-амбалажа.
Со новиот начин на одложување на отпадот се очекува општина Аеродром да добие подобра и поздрава животна средина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.