По општините Центар и Чаир, подземни контејнери ќе се постават и на териториите на Аеродром, Kисела Вода и Гази Баба. Јавното претпријатие „Kомунална хигиена“ склучи договор за набавка на овие подземни контејнери со фабриката „Kарпош“, вреден 23 милиони денари, односно 371 илјада евра, пренесува „Дневник“.
– Се работи за вкупно 27 контејнери. Секоја општина ќе добие по 3 контејнери на три локации, односно во секоја ќе има по 9 подземни контејнери. Еден од контејнерите ќе биде за ПЕТ-амбалажа, а останатите два за мешан комунален отпад – информира Ана-Марија Бранѓолица, портпарол во „Kомунална хигиена“.
Една третина од вкупниот износ на инвестицијата ќе ја плати претпријатието, една третина Градот, а остатокот го плаќаат општините. Според договорот, фабриката „Kарпош“ има рок од една година да ги постави подземните садови за отпад.
Бранѓолица вели дека за поставување подземни контејнери постои интерес и кај другите општини, а целта на претпријатието е овој проект да се прошири на територијата на целиот град.
Во Центар се поставени 46 контејнери на 14 локации, а четири контејнери на една локација има и Чаир. Подземните контејнери се со зафатнина од 3 кубни метри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.