ЖРК Вардар в сабота го игра натпреварот „да се биде или не“ во рамките од лигата на шампионите против Лајпциг на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“. Сите од таборот на вардарки се свесни за големината на овој натпревар и максимално се подготвуваат за победа, која е единствената опција.
Против Лајпциг, кој е директен конкурент за едно од четирите места што водат во следната нокаут-фаза од ова натпреварување, „цвено-црните“ треба да одиграат натпревар во рамките на своите можности, тоа што не го покажаа досега во вториот дел од Лигата на шампионите.
Првиот човек на клупата на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ напоменува дека екипата е одлично подготвена и целта е на последните три средби да остварат исто толку победи.
– Ни преостануваат три важни натпревари во Лигата на шампиионите. Само со три победи можеме да се надеваме на место што води следната рунда. Прв од нив е на домашен терен против Лајпциг, екипа што нè изненади на првиот натпревар на гостински терен. Имавме 10 дена добро да се подготвиме, да ги оставиме проблемите зад нас и добро да ја анализираме играта на противникот. Верувам дека во сабота девојките ќе одиграат онака како што се договараме на тренинзите и ќе оствариме значајна победа – беше уверена Индира Кастратовиќ.
Напорната работа не е проблем за ракометарките, туку резултатот што објективно го немаат и сработеното не се спроведува на дело.
– Нема оправдување за девојките ниту за стручниот штаб. Имавме многу проблеми во изминатиот период и сето она што и се случи на Робертина, не дефокусира на натпреварот во Волгоград. Верувам дека ќе биде подобро и ќе покажеме на терен дека имаме квалитет за победа – додаде Кастратовиќ.
Таа напомена дека и Татјана Хмирова веќе е влезена во полн тренажен процес и работи со полна пареа, и дека ќе биде во составот в сабота, но потенцираше дека Хмирова е надвор од терените четири месеци и не треба да се очекува многу од неа.
Една од ракометарките која има одиграно најмногу натпревари во кариерата токму против Лајпциг е секако германската репрезентативка Ања Алтхаус, која до минатата година настапуваше за Турингер.
– Ова ќе биде тежок натпревар. Лајпциг доаѓаат во Скопје растеретени бидејќи нема што да загубат и ќе направат сè што можат за да победат. Германските екипи се секогаш незгодни и максимално сме подготвени да одиграме на нивото на нашите можности, нешто што не не красеше во минатото. Треба да да останеме единствени и да стигнеме до голем триумф. Треба да притискаме за да стигнеме до целта што ни е зацртана – нагласи Алтхаус.
Натпреварот се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 19 часот, а од клубот информираат дека билетите купени за овој натпревар ќе важат и за оној за две недели против Динамо Волгоград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.