| четврток, 6 декември 2018 |

Главоболки за фаворитите, еден аспирин од Баер за Атлетико и три плотуни од Монако за Арсенал (видео)

Изненадувачки резултати и порази на двата фаворити Арсенал и Атлетико Мадрид го затворија првиот круг од осминафиналните мечеви во Лигата на шампионите. Баер на свој терен во Леверкузен го совлада европскиот вицешампион Атлетико Мадрид со 1-0, а уште полошо мина Арсенал против Монако во Лондон. Кондогбија, Бербатов и Фереира со по еден плотун го потонаа бродот на топчиите и си обезбедија предност од 3-1 пред реваншот во малото кнежевство. Окслејд Чембрлен со гол во 91. минута му остави трошка надеж на Арсенал дека ќе ги надмине сите искушенија и негативата од два гола во реваншот.

arsenal

Со блескава игра, токму по теркот на Арсенал, тимот од кнежевството го покори Северен Лондон и веројатно ги урна надежите на Арсен Венгер и на Арсенал за конечен исчекор кон европскиот врв. Венгер кој беше 7 години менаџер во Монако, а веќе 18 години во континуитет го предводи Арсенал не најде рецепт за успех против својот поранешен клуб. Оливие Жиру промашуваше од неверојатно лесни ситуации, а казната ја испорачаа Кондогбија, Бербатов и Фереира со по еден погодок. Во самиот финиш резервистот Окслејд Чембрлен постигна убав гол за надеж на Арсенал.

Во Леверкузен, Баер славеше со 1-0 против шпанскиот првак и европски вицешампион Атлетико Мадрид со голот на Калханоглу во второто полувреме.

baer

Еден аспирин од „фармацевтите“ за одлична предност без примен гол пред реваншот на „Висенте Калдерон“ во Мадрид. Гостите во последните 15 минути играа со фудбалер помалку по исклучувањето на Тијаго.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top