Смртта на осумнаесетмесечното бебенце во Берлин, првата жртва на мали сипаници, предизвика политичка дискусија за повторното воведување на обврската за вакцинирање на децата, која, судејќи според анкетите, ги подели Германците и политичарите.
Една интернет анкета на Баварското радио покажува дека повеќе од 47 отсто се за, а околу 52 отсто испитаници се против воводувањето на задолжителната вакцинација, додека на страната на противниците на вакцинацијата се и политичарите на опозициските партии на Зелените и Левицата, кои бараат одлуката за вакцинирање да се остави на изборот на родителите.
-Присилата често пати го зајакнува отпорот, вели заменик шефот на пратеничкиот клуб на партијата на Зелените во Бундестагот, Антон Хофрејтер, во изјава за германскиот политички магазин „Шпигел“ и притоа укажа на потребата од подобро информирање и објаснување, за квотата на вакцинирани деца да се зголеми.
И експертот за здравствени прашања на партијата на Левицата, Харалд Вајнберг, се изјасни против обврската за вакцинирање.
-Правото на самоопределување на родителите мора и натаму да важи, рече тој, додека германскиот министер за здравство, Херман Грее, од редовите на Христијанско-демократската унија, на канцеларката Ангела Меркел, жестоко ги критикуваше противниците на вакцинацијата на децата.
Во Берлин од октомври се регистрирани 574 случаи на мали сипаници, а вчера беше објавен првиот смртен случај.
Конзервативниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска пишува дека задолжителното вакцинирање ќе му „служи на заштитата на најмладите“ и дека таа обврска треба во најмала рака да важи за децата кои одат во градинки, а влијателниот таблиод „Билд“ пишува дека медицинската превентива е приватна работа, но и дека треба да се воведе вакцинирањето како обврска.
-Вакцинациите принципиелно се огромен медицински придонес и ние тоа треба да го користиме кога станува збор за тешките болести – пишува „Хамбургер абендблат“ кој, меѓутоа, наведува дека министерот за здрвство Грее, сепак, отишол предалеку кога родителите на невакцинираните деца ги нарекол егоисти.
Барајќи компромисно решение весникот пишува дека стриктното одбивање на вакцинацијата ќе биде погрешно, но и дека воведувањето на обврската за вакцинирање е далеку во уставно-правна смисла.
Печатот, исто така, оценува дека Германците се заморени од вакцинирањата и дека на тој начин претставуваат фактор на ризик во светот, но и дека обврската за вакцинација не е решение, туку дека треба да се работи на интензивни медицински објаснувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.