| четврток, 6 декември 2018 |

ЗНМ не реагира за нападот врз РСМ, немало поднесена претставка

pritisok-1_thumb_medium500_361

Откако викендов дел од учесниците на протестот пред Владата удираа по стаклото од просториите на Радио Слободна Македонија (РСМ) кои се наоѓаат веднаш спроти зградата, Република јавно запраша дали Здружението на новинари ќе реагира на ваквото однесување и нападот врз медиумот. Дел од оние што излегоа на протест започнале да тропаат по прозорите и да извикуваат недолични зборови. Од ЗНМ испратија одговор на електроска пошта:

Порталот Република во саботата јавно го повика ЗНМ да реагира за притисоците што на кои што сте биле изложен за време на собирот пред Владата. ЗНМ не врши мониторинг на објавени содржини на медиумите и постапува исклучиво по поднесени претставки (формулар на сајт) или по контактирање со канцеларијата на ЗНМ. Ако сметате дека ЗНМ треба да реагира известете не писмено што точно се случило и кои се вашите очекувања. Ние сме отворени да се видиме со вас и да разговараме за конкретниот случај – стои во дописот.

ЗНМ досега коментирала и изразувала свои ставови, поддршки и критики за поедини случаи, за откази на новинари, оставки на уредници, поздравувајќи одредени постапки и ставајќи се во нечија одбрана. Дали за тоа некој писмено побарал ЗНМ да излезе со свој став?!

 Дејан Андоновиќ, главен и одговорен уредник на Радио Слободна Македонија, за Дневник  раскажа што точно се случило и појасни дека и претходно имало иста ситуација на неодамнешниот протест за хонорарите.

Тој морал веднаш да нареди исклучување на програмата во живо, затоа што не можело да се предвиди што следно ќе се случи, додека насобраните силно чукале по стаклото со раце и разни предмети, во обид да го искршат.

– Во саботата, пак, мавале со канти по излогот, а кога новинарот од спортската редакција излегол на пауза, никој ништо не му рекол, ниту му се обратил. Ова се случува веќе два пати кога има протести – насобрани граѓани да и пречат на програмата, која оди во живо. Во моментот немало политичка емисија за да има простор за некакви реакции, туку спортска, а претходниот пат, емисија од областа на забавата – раскажува Андоновиќ и прашува што е следно од протестантите кон радиото, пренесува Дневник.

Главниот уредник на медиумот јавно прашува зошто ниту едно здружение за заштита на новинарите по двата инцидента не интервенира, додека неговите новинари се изложени на опасност само затоа што нивното седиште се наоѓа до институцијата каде што често се протестира. Поради страв од поголем инцидент, уредништвото морало да повика и агенција за обезбедување да интервенира.

-Тензично е. Што да очекувам на следните протести. Сѐ може да се случи – додава тој.

Дневник објави дека и другите вработени во радиото стравуваат за својата безбедност и за тоа што може да се очекува на кои било следни протести што ќе бидат во нивна близина, по што некој сосема недолжен би можел да настрада. Новинарите истовремено го квалификуваат овој напад врз нивните простории како обид за заплашување, замолкнување и притисок врз нив од одредена политичка фела. Имено, по последната афера со апсењето на Љубе Бошковски, која во петокот беше пуштена пред присутните во седиштето на СДСМ, неколку десетици поддржувачи и симпатизери на опозициската партија се собираа два дена по ред пред Владата на протести. Оваа форма на искажување незадоволство се применува веќе некое време, а во одредени случаи е јавно поддржана и од СДСМ. Kако сценарио, не се исклучува можноста ваков вид активности во периодот што следува да се засилуваат. Токму лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на последната прес-конференција, прашан за тоа дали се очекува улична револуција одговори дека нема потреба од насилство, но не даде конкретен одговор дали неговата партија поттикнува или ќе поттикнува во иднина вакви активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top