Владата предлага измени на членовите 61 и 145 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои се предлагаат казни за медиумите кои нема да почитуваат одредени етички правила кои се пропишани со законите, велат за агенцијата „Макфакс“ од Здружението на новинарите на Македонија .
Според информациите кои ги добил Макфакс од ЗНМ, кои добиле една верзија на предлог-законските измени кои се подготвуваат на медиумските закони, Владата предлага да се промени членот 61, каде што е наведено дека радиодифузерите „треба да почитуваат“ повеќе начела за објективно и професионално известување, со зборовите дека „се должни“ да ги почитуваат.
Истовремено постои предлог да се менува и членот 145 кој сега ќе гласи:
„(1)Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако не ги почитува обврските од членот 61 од овој закон.
(2) Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противредност ќе му се изрече и на одговорното лице на правното лице за сторениот прекршок од ставот 1 на овој член.“
Од ЗНМ за „Макфакс“ велат дека тие се загрижени во однос на овие измени бидејќи со членот 61 се регулираат повеќе етички правила. Дел од начелата кои ги регулира овој член се:
„Негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста. Еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот. Поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различното етничко и културно потекло итн.“
Од ЗНМ денеска испратија и соопштение во кое тие информираат дека изразуваат загриженост од измените кои се предлагаат и истата ја пренеле и до меѓународната заедница.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, денеска заедно со претставници на пет други граѓански организации имале средба со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, кој престојува во дводневна посета на Македонија.
„Во врска со измените на медиумските закони, Селмани рече дека дебата место да го подобри текстот на законот, тој напротив се влошува. За ЗНМ е апсолутно неприфатлива идејата на Владата да ја регулира медиумската содржина. „Тоа е во спротивност со најдобрите практики во европските демократии“, рече Селмани. Тој рече дека наметнувањето парични казни за начинот на известување на новинарите покажува дека Владата сака да ја игра улогата на главен и одговорен уредник на медиумите. Според него, Владата досега не покажала желба за вистинска дебата со аргументи околу моделот за финансирање на Македонската радиотелевизија. Ако Владата однапред знае дека за МТВ треба да се одвојат само 0.7 проценти од буџетот на државата, тогаш за што служи дебатата за законот, праша Селмани“, се вели во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.