| четврток, 6 декември 2018 |

Врачување на наградата „Ерго СУМ“ на Христо Петрески

hristo petreeski

На Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје денеска ќе биде врачена наградата за театарска критика, „Ерго СУМ“, која ја доделува списанието за уметност „Сум3, а прв добитник е доц. д-р Христо Петрески.

Жири-комисијата, во состав: Јордан Плевнеш (претседател), Блаже Миневски и Трајче Кацаров (членови), едногласно одлучи да биде награден театарскиот критичар Христо Петрески за серијата објавени театарски рецензии во текот на 2012 година.

Наградата му се доделува на добитникот Христо Петрески за објавените театарски рецензии за претставите: Хасанагиница, Животот на Молиер, Хенри Шести, Госпоѓица Јулија, Енциклопедија на изгубеното време, Човекот перница, Генетика на кучињата, Декамерон, Јустинијан Први, Домот на Бернарда Алба и други.
Оваа награда во иднина ќе биде традиционална, а годинава се доделува во пресрет на 27 март – Светскиот ден на театарот. Инаку, наградата се состои во уметничка слика, статуетка и плакета.

Петрески е критичар и есеист, писател, издавач и универзитетски професор. Поради неговите посебно нагласени афинитети за следење на театарската уметност, тој неодамна ја состави и публикуваше книгата „Македонска театарска критика“, во која се застапени 15 истакнати македонски театарски критичари.

На денешната свеченост во ЕСРА ќе биде промовиран и најновиот број на списанието „Сум“, во кое добитникот на наградата за театарска критика е претставен со театарски дневник од рецензии за петнаесет претстави изведени во 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top