Во јапонската нуклеарна централа „Фукушима“, која пред две години беше силно оштетена во земјотресот и цунамито, повторно има проблеми. Нема струја, што влијаеше врз системот за ладење во базените, во кој е потрошено нуклеарно гориво. Во соопштението на компанијата ТЕПКО, во чија надлежност е електраната, се вели дека сѐ уште се проценува причината поради која нема струја во „Фукушима“.

Немањето струја влијаеше врз базените 1, 3, и 4, но според наодите на компанијата, тоа не се одразило на реакторите. ТЕПКО истакнува дека нема непосредна опасност за околината бидејќи се потребни четири дена за најврелиот базен да достигне безбедносна граница.
Стручњаците велат дека нема непосредна закана од радијацијата, но ако во потребен рок не биде вратен доводот на свежа вода, постои можност течноста во базените да почне да врие.
Нуклеарната централа „Фукушима“ се оштети во земјотресот и цунамито во март 2011 година. Брановите предизвикаа оштетување на системот за ладење на реакторите, што доведе до топење на три реактори. Инженерите ја стабилизираа електраната, но потребна е повеќегодишна работа за да се поправат последиците од катастрофата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


