Во последниот натпревар од групната фаза од Лигата на шампионите во ракомет Вардар буквално го торпедираше Рајн-Некар на гостински терен со 35-28.
Вардар од самиот почеток покажа дека е дојден во Манхајм да не загуби, а ако се пружи прилика и да дојде до победата. Не само што не се исплаши од големиот бундеслигашки противник туку ја наметна својата игра и покажа дека заслужено е втор во групата Ц веднаш зад Веспрем по десет одиграни кола.
Првото полувреме заврши со високи седум голови предност (20-13) за избраниците на Раул Гонзалес, за во вториот дел со серија од пет голови едноподруго дојде до највисите 11 голови разлика во 39 минута од мечот (27-16).
По оваа висока разлика црвено-црните се опуштија дозволија неколку брзи голови за да на крајот сепак се слави победа со седум разлика.
Игор Карачиќ одигра одлични први 30 минути постигнувајќи седум гола за на крајот натпреварот го заврши со еден повеќе. Тимур Дибиров додаде шест, додека по четири постигнаа Горбок и Дујшебаев.
Арпад Штербик повторно беше на висина на задачата како и целокупната одбрана и на крајот зад неговото име стоеја 11 одбрани од кои седум во второто полувреме во моменти кога Рајн-Некар имаше само пет голови негатива во финишот од мечот.
Со оваа победа Вардар и официјално како второпласиран од групата Ц оди во осминафиналето од ЛШ. Негови противници во ЛШ ќе бидат екипите кои ќе завршат трети во групите А, Б и Д, а моментно сигурен е само Загреб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.