| четврток, 6 декември 2018 |

Томаж Пандур ја осмислува турнејата на Северина?

slikacitava.php

Томаж Пандур (1963), кој се прослави со претставата „Шехерезада“ (гостуваше и на МОТ), кој на 26 години стана директор на Словенско народно гледалишче и од овој град направи театарска Мека, и чии претстави играат низ целиот свет, сега се фати во костец со нов предизвик:осмислување на турнејата на Северина!

По „Хамлет“, „Божествената комедија“, операта на Горан Бреговиќ „Тишина на Балканот“, „Хазарскиот речник“, „Тесла електрик компани“, „Калигула“ и „Војна и мир“, Северина можеби и не е некое логично продолжение на блескавата кариера на овој словенечки режисер кого неговите сограѓани Словенци го имаат наречено секако – од гениј, до мегаломан и измамник. Како и зошто дошло до соработка со неа, Пандур објаснува во интервју за хрватскиот „Нови лист“.

– Никогаш порано немав режирано некој концерт, не го работев тој „жанр“, па овој проект за мене беше прекрасен предизвик, како и впрочем на целата екипа која инаку работи на моите театарски проекти во драмата, операта и балетот. Мислам дека во денешно време сите жанрови се преплетуваат. Денес веќе не може да се зборува за тие сегменти на театарот посебно. Прекрасно е да се истражува! Да се истражува некој нов жанр или дури и да се измисли некој нов – вели Пандур.

За ризикот од удар на извесни театарски душoгрижници, Пандур воопшто не се грижи.

– Предизвик за мене беше и феноменот на Северина, музичарка која ја обожаваат најшироките народни маси, но која истовремено ги интригира и оние со префинет вкус. Северина се движи помеѓу тие два пола и ми беше интересна како феномен. Како е да се биде икона на некој простор, што е тоа што ја прави толку харизматична и толку интересна на сите, тоа е она што ме интересираше во феноменот наречен Северина. Северина како име? Не, Северина не е име, таа е икона. Икона и хероина на едно одредено време и простор, и тоа ја прави крајно интересна – вели тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top